САД

Нов пакет тарифи на САД

09.04.2025 09:37

Во сила нов пакет тарифи на Трамп, за Кина царини од 104 насто. Пекинг најави контрамерки. Земјите членки на Европската унија решаваат за одговор на американските царини за челик и алуминиум...

Остар пад бележат азиските берзи откако американскиот претседател воведе дополнителни царини на кинески увозни производи. Сите стоки од Кина подлежат на тарифа од најмалку 104 проценти. Удвојувањето на давачките, кои беа воведени на 54 проценти изминатата недела, се одговор на контратарифите објавени од Пекинг, соопштија САД. Трамп е убеден дека „Америка многу брзо повторно ќе биде многу богата“, додавајќи дека неговиот тим преговара со многу држави за царините.

„Америка наскоро повторно ќе биде многу богата. Ќе видите дека тоа се случува. И целата таа ситуација беше донекаде експлозивна. Неверојатно е што се случи … Но добивме големо внимание. Имавме разговори со многу земји, над 70. Нашиот проблем е што не можеме да ги видиме толку брзо. Но, не мораме, затоа што, како што знаете, тарифите се активни, а парите се слеваат на ниво што досега не сме го виделе“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Од Пекинг велат дека не се плашат и ќе се борат до крај доколку Соединетите Држави инсистираат да водат тарифна или трговска војна.

„Злоупотребата на тарифите од САД сериозно ги повредува легитимните права и интереси на други земји, сериозно ги крши правилата на Светската трговска организација и го поткопува трговскиот систем заснован на правила и сериозно го дестабилизира глобалниот економски поредок. Она што го направија САД не покажува намера за сериозни разговори. Ако САД навистина сакаат да имаат разговори, треба да покажат став на еднаквост, почит и реципроцитет“, изјави Лин Џијан, портпарол на МНР на Кина.

За да се избегне најлошото сценарио и турбуленциите на финансиските пазари потребно е Трамп да ги намали тарифите преку преговори час поскоро, велат експерти.

„Мислам дека сè уште не ја гледаме светлината на крајот од тунелот, бидејќи по објавувањето на царините од 104 проценти за кинеските стоки, Трамп најави дека наскоро ќе воведе царини за увезената фармацевтска стока. Ако Кина возврати во иста мера, тоа може да значи дека цените на увезените стоки исто така ќе се зголемат и ќе предизвикаат зголемување на инфлацијата во Кина. Тоа не би било во корист на потрошувачите“, изјави Луис Вонг, директор на финансиска компанија.

Жителите на САД се повознемирени поради зголемената инфлација и ризикот од рецесија.

„Работиме навистина напорно за се. Очигледно треба да приспособиме за да можеме да купиме одредени работи. Гледаме зголемување на цените а потребите се менуваат“, изјави жител.

„Се подготвував многу добро. Доаѓам овде секој ден да земам се што можам пред да се зголемат овие цени. Ќе биде страшно“, изјави друг жител.

Земјите членки на ЕУ го договараат европскиот одговор на американските царини за челик и алуминиум. Како втора фаза, Европската комисија следната недела ќе претстави и план за реакција на американските царини на автомобилите и контрамерките воведени од САД.

 

Маријана Димовска