Свет

Стотици жртви и повредени откако се урна кров на ноќен клуб во Доминиканската Република

09.04.2025 12:32

Меѓу присутните биле познати спортисти, политичари и други државници. Се претпоставува дека во моментот на несреќата во локалот имало над илјада гости. Претседателот Абинадер пристигна на местото на трагедијата, прегрнувајќи ги роднините и пријателите на жртвите.

Доминиканска Република завиена во црно. Стотици жртви и повредени во стравотната трагедија откако се сруши покрив за време на концерт во ноќниот клуб „Џет Сет“ во Санто Доминго. Звукот на механизација која ги расчистува блоковите бетон го пробива траорот додека спасувачките екипи пребаруваат евентуални преживеани под урнатините.

Меѓу присутните биле познати спортисти, политичари и други државници. Се претпоставува дека во моментот на несреќата во локалот имало над илјада гости. Претседателот Абинадер пристигна на местото на трагедијата, прегрнувајќи ги роднините и пријателите на жртвите.

„Главна цел е да се спасат животи, тоа е она на што сме фокусирани. Ја следиме состојбата од минута во минута, во справување со трагедијата се користат сите ресурси, владините институции за итни случаи се достапни во секој момент“, изјави Луис Абинадер, претседател на Доминиканска Република.

Додека траеше спасувачката акција многумина од родните покажувајќи фотографии, беа во исчекување да дознаат информација повеќе за судбината на нивните најблиски. Дел од семејствата се собраа пред Институтот за судска медицина, каде што се врши идентификација на жртвите.

„Немаме никакви информации, знаеме дека била таму со колешка и никој од нивната група сè уште не се појавил. Нивните имиња ги нема во ниту еден список. Се надеваме дека таа ќе се појави жива“, изјави Кармен Валера – тетка на жртва.

„Се надевам дека ќе слушнам нешто за мојата 22-годишна кума. Нејзиното име го нема во ниту еден список, а таа сè уште е таму“, вели Масиел Куевас – роднина на жртва.

Ноќниот клуб „Џет Сет“ бил отворен во далечната 1973-та година, станувајќи најпопуларно место во доминиканската престолнина. Бил во функција речиси пет децении, но нема податоци кога функционалноста на објектот била последен пат проверена од надлежните институции.

Маја Стојанова