Фудбал

Под Шара дуел на „ранетите“

09.08.2014 13:04

Доколку победи, Работнички ќе го изедначи билансот кога се во прашање меѓусебните мечеви со Ренова на гостински терен...

Работнички и Ренова ќе бидат противници во првиот натпревар од второто коло во нашата најквалитетна фудбалска конкуренција. На стадионот во Тетово денеска ќе истрчаат две екипи што не ги реализираа амбициите во воведните средби од сезоната. „Гипсарите“ ремизираа со градскиот ривал Тетекс и не постигнаа гол, а шампионот претрпе тежок пораз од 3-0 од Металург и тоа пред своја публика. Токму поради тоа на дуелот под Шара се очекува отворена игра, со нагласена желба кај двете екипи да се израдуваат на премиерниот погодок за нив во новата сезона.

Доколку победи, Работнички ќе го изедначи билансот кога се во прашање меѓусебните мечеви со Ренова на гостински терен. Во тој случај двете екипи би имале по шест победи, а шест пресметки досега завршија нерешено. Работнички засега е подобар во вкупниот ефект, има 16 триумфи, девет нерешени и седум порази на досегашните 32 соочувања.

Преносот од натпреврот Ренова – Работнички ќе почне од 17 часот и 25 минити на Собранискиот сервис на МРТ.

Другите двојки од второто коло во Првата фудбалска лига на Македонија се: Варадр – Шкендија, Турново – Пелистер, Металург – Силекс и Тетекс – Брегалница. Овие натпревари се закажани за утре од 17.30, со исклучок на пресметката на арената „Филип втори“ меѓу Вардар и Шкендија. Почетниот удар на ова соочување е од 19 часот.