КПД Штип

Во затворот во Штип фатени затвореници и чувари кои шверцувале кокаин и марихуана

09.04.2025 14:35

Во затворот во Штип фатени на снимка затвореници и нивни чувари кои шверцувале коакин и марихуана. Првиот човек на Управата за извршување санкции вели дека ја разоткриле мрежата. Направиле вонреден инспекциски надзор, има и кривични пријави...

Полицајци му помагале на затвореник да си ја најде дрогата. Ги прелажал дека затворската кучка Цеца му го украла скапиот часовник, па сите заедно во темнината со батерии барале низ дворот. Ова се случило крајот на февруари во затворот Штип, а за случајот извести Управата за извршување на санкциите.

Скандалот го снимиле надзорните камери. Околу 21 часот вечерта, две лица со возило ги минале капиите на затворот и не биле евидентирани од полициските службеници. Преку оградата префрлиле топка во која имало кокаин и марихуана и по телефон го известиле затвореникот пратката да ја бара во дворот. Додека пребарувал, бил пресретнат од четворица полицајци на кои им кажал дека кучката му го зела часовникот, па заедно тргнале да го бараат.

Дрогата спакувана во топка била пронајдена утредента и предадена на полицијата, а идентификувани се и лицата коишто однадвор ја испорачале. За полициските службеници била поднесена дисциплинска постапка, но комисијата утврдила дека сепак не погрешиле во постапувањето. За овој случај е поднесена кривична пријава во Обвинителството.

Од Управата бараат случајот да добие правен епилог, затоа што како што посочи директорот Пандов, пенитенцијарниот е исклучително корумпиран систем, а во некои затвори повеќе од 50 насто од вработените се вмешани во корупција.

 

Анита Димитријевска – Велковска