Куманово

Продолжи судењето на кратовчанката за двојното убиство

09.04.2025 16:53

Во состојба на силна раздразнетост, и како последица на долгогодишно семејно насилство, но и страв за сопствениот живот, кратовчанката го извршила двојното убиство. Ова пред кумановскиот суд го истакна вешто лице од област на психијатријата. Судењето продолжува.

Продолжи судењето против кратовчанката Вангелица Илијевска, која во јуни лани ги уби сопругот и свекорот во домот во Кратово. Во Основниот суд во Куманово денеска се сослушаа вешто лице од психијатријата, како и роднина на осомничената. Според вештото лице, таа била во силна раздразнетост, што е последица на долгогодишно семејно насилство. Истакна дека дејствувала во афект поради страв за својот живот.

„Повеќе од 10 години преку извршување на автоанамнестички техники на утврдување на жртви на семејно насилство преку согледување на медицинска документација за повреди и потврди за психофизички терор, правни акти и решенија, обвинетата била жртва и сите овие документи потврдуваат дека во моментот на случувањето истата делувала во состојба на силна раздразнетост каде не била доведена врз основа на своја вина“, истакна Христијан Георгиевски, бранител на осомничена.

Роднината пред судот посочи дека знаела за насилството. Според неа таа останувала во насилната средина поради страв дека ќе ги загуби децата.

На наредното рочиште останува да се сослушаат вешти лица од областа психологија, како и други материјални писмени докази и директен распит на обвинетата.

Обвинителството бара да се суди за убиство со умисла, додека нејзината одбрана тврди дека постапувала во нужна одбрана.

Елена Георгиевска