Судиите и обвинителите во секоја фаза ја намалувале казната за Пајазити кој ја усмрти Теодора
Обвинителството смета дека има основ да поднесе жалба до повисокиот суд по изречената казна затвор од две години за Менсур Пајазити, кој ја усмрти 22-годишната Теодора Ристевска од Тетово. Судиите и обвинителите во секоја фаза ја намалувале казната за Пајазити. Од ОЈО за МТВ велат, конечна одлука ќе донесат откако ќе ја разгледаат пресудата...

Обвинителството смета дека има основ да поднесе жалба до повисокиот суд по изречената казна затвор од две години за Менсур Пајазити, кој ја усмрти 22-годишната Теодора Ристевска од Тетово.
Од ОЈО за МТВ велат дека конечна одлука ќе донесат откако ќе ја разгледаат пресудата. На прашањето, зошто обвинителот поднел обвинение по членови од законот со кои не се пропишани најстроги казни, од Обвинителството одговорија дека во конкретниот случај сите докази наведени во кривичната пријава од МВР и дополнителното вештачење по наредба на јавен обвинител упатуваат дека сообраќајната несреќа со смртни последици се случила од небрежност, не со евентуална умисла.
„Јавното обвинителство при поднесување на обвинение мора да се води од доказите со кои располага. Дека конкретната правна квалификација е неспорна, укажува и фактот што за истата е изречена осудителна пресуда од Основниот суд во Тетово со казна затвор од 3,5 години. Апелацискиот суд, кој исто така постапувал во предметот, ја намалил санкцијата, но во ниту еден момент не ја оспорил правната квалификација. Во крајна линија, и Врховниот суд во својата одлука ги укинал претходните пресуди заради повреди во постапката, а не заради правната квалификација. За ова кривично дело, дури и кога е извршено од небрежност, законодавецот предвидел распон во кој може да се движи казната. Меѓутоа, одмерувањето на казната е во надлежност на судот, а не на Обвинителството“, велат од ОЈО.
Вишата обвинителка Вјолца Елмази, прво бараше да му се потврди казната на Пајазити од 3 години и 6 месеци, а потоа се предомисли и бараше пониска затворска казна од две години за обвинетиот кој ја усмрти Теодора. Таа за МТВ не сакаше да коментира, зошто не вложила жалба на одлуката за намалување на казната, го сменила предлогот и ја прифатила жалбата на обвинетиот?
Повтореното судење го водеше судијата Ељведин Ферати, кој на Пајазити му пресуди 2 години затвор, исто колку што пресуди и апелација Гостивар во укинатата пресуда.
По реакции на јавноста и семејството на Теодора, се огласи и премиерот Мицкоски кој разочаран од ниската казна побара преиспитување на судската одлука, но и на работата на судија. Ист повик до Судскиот совет стигна и од министерот за правда, Филков.
Претседателот Камбовски веќе информираше дека веќе се прави увид во предметот за да се утврди евентуална вина кај судот.
Граѓани најавија дека на утрешниот протест ќе маршираат и до Судскиот совет, од кој ќе побараат правда за усмртувањето на 22-годишната Теодора Ристевска од Тетово.
Викторија Милевска
