Четири пациенти од трагедијата во Кочани се враќаат од странство
Четири пациенти од трагедијата во Кочани се враќаат од странство. 67 остануваат на болничко лекување – 60 во странските медицински центри, а седуммина во македонските. И натаму останува критична здравствената состојба кај двајца повредени.

Четворица повредени од пожарот во кочанската дискотека кои беа на лекување во Хрватска, Шведска и Италија се вратија во земјава. 67 остануваат на болничко лекување – 60 во странските медицински центри, а седуммина во македонските. И натаму останува критична здравствената состојба кај двајца повредени.
Рехабилитацијата на потешко повредените може да трае повеќе од две години. Веќе има понуди за третман на двајца пациенти од врвни центри во Франција. Повредените кои се лекуваа во соседството таму и ќе ја продолжат рехабилитацијата.
„Имаме понуда за третман на двајца пациенти во врвни центри кои имаат искуство со вакви оштетувања, имаме контакти со тимови од Британија и Израел кои беа тука и ги гледаа условите за рехабилитација кои ги имаме во нашите институции, ни дадоа забелешки што треба да се корегира. Клиниката за психијатрија заедно со психолози се вклучени во третманот и следењето на пациентите“, изјави д-р Игор Николов – член на кризниот штаб и лице за контакт за состојбата на повредените.
Уште четворица повредени остануваат во софиската болница „Пирогов“, кај нив состојбата е сè уште сериозна, но стабилна. Пластичните хирурзи велат ќе биде потребен подолг период за закрепнување на повредените.
„Закрепнувањето на таков повреден е околу година ипол до две ако ги додадеме и реконструктивните операции, периодот може да трае и 5 до 7 години по завршувањето на акутниот период, односно по излегувањето. Третманот не завршува со излегување на пациентот од клиниката, продолжува дома. Имаат инструкции кои треба да ги следат скоро две години по отпуштањето“, изјави д-р Маја Аргирова – раководител на Клиниката за изгореници и пластична хирургија „Пирогов“.
Најголем дел од повредените во пожарот имаа тешки изгореници по телото, како и оштетување на дишните патишта.
Ноќта во трагедијата во Кочани загинаа 59 млади лица, а уште двајца подлегнаа на повредите кои беа на лекување во Литванија. Имаа тешки изгореници од втор и од трет степен и оштетени дишни патишта. Во пожарот повредени беа околу 200 луѓе.
Андријана Ѓурческа
