Повеќе странски, помалку домашни туристи во Струга

09.08.2014 16:39

Странските туристи и во лоши временски услови го одбраа Oхридското крајбрежје за одмор. Тие повеќе од домашните ги препознаат вистинските туристички адути на регионот и на земјава-природните убавини и богатото културно-историско наследство. Така е и во Струга.

Лошите временски услови кои го зафатија Балканот последниов период придонесоа за намален број на домашни туристи во Струга. Хотелиерите сепак не се жалат на бројот на ноќевања со оглед на присуството на странски туристи а посебно туристи од нашето опкружување.

Глобално со оглед на временските услови во месец Јули посетеноста на туристите е малку  послаба меѓутоа како што поминува времето веќе втората половина на Јули месец имавме доста зголемена посетеност на туристите.  Најмногу гости имаме од Холандија потоа турските гости ни се присутни како и индивидуалците од Албанија и во помала бројка се застапени и гостите од Република Македонија, вели Елизабета Маркоска –хотелски работник.

Странските туристи се најмногубројни на Охридската ривиера. Ним не им пречат непогодните временски услови и  главно уживаат во природата, нејзините убавини и македонската народна кујна.

Навистина уживаме во целиот овој раскош на природа, езеро и убава храна. Во Струга сме прв пат а денес планираме да го посетиме и Охрид.

Јас сум воодушевена од македонската народна кујна но морам да признам дека езерото е фасцинантно. Се уште не сум била на плажа но има време и за тоа, велат странските гости во Струга“, велат странските туристи кои ги сретнавме.

Убаво е тука, многу поубаво е отколку што беше порано. Нашето доаѓање во Македонија никогаш не е случајно, вели тиристка од Србија.

И приватните угостители се задоволни од посетеноста на нашите ресторани од страна на туристите кои претежно се странци и сакаат да вкусат се она што македонската кујна го нуди.

Храната им се допаѓа, виното исто така. За разлика од други години, годинава исто така застапени се и австријците . Им се допаѓа храната како што кажуваат и самите дека, им мириса баш природно на храна, не е вештачки, вели Јованчо Тутенкоски сопственик на ресторан во Струга.

Лошото време не би требало да претставува пречка за посета на домашните туристи затоа што Струга, Охрид и Вевчани нудат многу повеќе од вообичаените сонце, вода и плажа, тука се најстарите пештерски цркви во Струга и Радожда, познатите Вевчански извори како и византинските цркви во Охрид.

 

Јованчо Наумоски