Лешница - срцето на Шар Планина, атрактивна за туристи
Месноста Лешница на Шар Планина привлекува домашни и странски туристи. За неа знаат дури и гости од далечните нордиски земји. Овој пат беше предизвик за планинарите од клубот Љуботен кои во логорот го дочекаа и првиот гостин од богатото животинско царство на Шара.

Логорот го посети неочекуван гостин. Планинарите се спријателија со оваа лисица, на која и недостасуваше уште малку доверба за да се храни од човечка рака.
„Многу беше интересно човек да го доживее тоа, како едно диво животно толку лесно се прилагодува и веројатно се чуди: кои се овие луѓе што дошле кај мене дома?“, раскажува Владимир Златкоски – ПК „Љуботен“.
Срцето на Шар Планина. Вака планинарите ја нарекуваат месноста Лешница. Сместена на 300 метри пониско од Попова Шапка, на 1450 метри надморска височина.
Местото привлекува со единсвената местоположба и убавина. Посетено е од од домашни и странски туристи кои ја истражуваат Македонија.
„Покрај Море и езера, многу е убаво човек да ја види планината како еден алтернативен туризам“, вели Владимир Златкоски – ПК „Љуботен“.
Четиричасовната еднодневна тура до Лешница започнува од Попова Шапка, преку Горна Лешница, со кратка починка на едно од шарпланинските бачила.
„Лешница е место опкружено со планини, тука се спојуваат две реки: Лешничка Река и Пена“, вели Владимир Златкоски – ПК „Љуботен“.
Годинава на Лешница пристигнаа стотина планинари, а организатор на логорот и еднодневната тура е планинарскиот клуб Љуботен од Тетово.
Зоран Јованоски
