Судски совет

Судски совет не утврди пропусти во пресудата за Теодора

10.04.2025 16:31

Судскиот совет не утврди пропусти во кривичната постапка и пресудата на судијата од тетовскиот суд за прегазената 22-годишна Теодора – покажа извештајот на работна група по големите реакции за случајот. Оттаму наведуваат дека одлуката е поткрепена врз основа на делото за кое се товарел обвинетиот. Во повтореното судење судијата не можел да изрече повисока затворска казна од 2 години, како што пресудил Апелацискиот суд во првичната постапка...

Не се утврдени неправилности во при носење на одлуката на судијата Ферати од Основниот суд Тетово за предметот со прегазената Теодора Ристовска, каде на обвинетиот Пајазити му е одредена затворска казна од две години. Три члената работна група до претседателот на Судскиот совет Камбовски го достави извештајот во кој е наведен текот на судскиот процес против обвинетиот од поднесувањето на обвинителниот предлог од тетовското обвинителство на 6 јуни 2023 година, преку првата првостепена пресуда, одлуките на Апелација и Врховниот суд, до пресудата во понеделникот што предизвика бурни реакции во јавноста.

„По одржана главна расправа на ден 07.04.2025 година по предметот К.бр. 117/25 на која расправа, обвинетиот дал признание на вина за предметното кривично дело кое му се става на товар со обвинението, Основниот суд Тетово го осудува на казна затвор во траење од две години.

Согласно член 428 од ЗКП, ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“, стои во извештајот од Судски совет.

Здружението на судии при Основниот суд во Тетово со став дека судијата во повторената постапка го осудил обвинетиот со максималната дозволена казна затвор. Како аргумент ја наведуваат забраната за менување на полошо предвидена со Законот за кривична постапка, а кое се применува во ситуација кога по барање на обвинетиот Врховниот суд ги укинал претходните пресуди и предметот го вратил на повторно одлучување.

Семејството на загинатата Теодора претходно истакна дека очекува Судскиот совет адекватно да постапи во врска со, како што велат, скандалозната и срамна одлука на тетовскиот судија.

.

Марина Стојанова-Тонева