Има или не доволно зеленчук за зимница?!
Климатските промени и влажното време го загрозија количеството и квалитетот на родот. И досега имаше увоз на суровина, а годинава очекуваат тој да се зголеми...

Поделени мислења меѓу земјоделците и откупувачите за тежината на годинешниот род. Првите сметаат дека влажното време и дождовите ќе го десеткуваат градинарското производство. Вторите смируваат дека нема место за паника. Откупот на куртовската капија, корнишоните, фефероните треба да започне веќе од идната недела. Преработувачите велат дека единствен проблем ќе е дали ќе може да го преземат целото производство на фармерите.
„Дождовите не се одразија негативно на ниедна култура. Во најголемите региони Струмица, Прилеп, Радовиш дождовите беа изолирани случаи на мали површини. Тековно тече откупот според планираното. Фефероните годинава се произведуваат дури и на 50% повеќе површина отколку лани. Паника се создава кај оние земјоделци кои доволно ги немаат заштитено нивите“, смета Драган Ѓоргиев- БЕСТ ФУД Радовиш.
Од Федерацијата на фармери, пак велат дека може да има драстично пореметување на очекуваното производство и понудата. Климатските промени и влажното време го загрозија количеството и квалитетот на родот. И досега имаше увоз на суровина, а годинава очекуваат тој да се зголеми.
„Драстично ќе биде намалено нашето производство бидејќи климатските промени си го прават своето. Дај боже да не е така, но ќе треба и да се увезува“, смета Никола Стаменов, претседател на ФФРМ.
Во Македонија годишно се откупуаат 150 илјади тони зеленчук, од ајварка, корнишони, гамби и други сорти. Годинава подобрата извозна цена го пресели македонскиот корнишон во странските тегли. Но сепак, преработувачите велат дека ќе има доволно за зимово да се мезиме од домашна зимница.
Септември ќе одговори на сите дилеми, дали македонското градинарско производство ќе ги преплива надојдените климатски проблеми, кога е екот на откупната сезона.
Катерина Давчева
