Еболата стигна до Европа и Северна Америка- надлежните смируваат!

09.08.2014 17:11

Еболата покоси речиси илјада животи во Западна Африка. Регионот безуспешно се изолира, заразените стигнаа на Eвропскиот и Северноамериканскиот континент. Опасноста е меѓународна – рече СЗО. Но нов „чудо“ од серум на американските научници влева надеж дека човештвото ќе го победи смртоносниот вирус...

Првите пациенти што го добија чудотворниот серум беа двајцата американски лекари што се грижеа за болните во Либерија. Три експериментални епрувети, чувани во строга тајност, складирани на температура под нулата, со авион беа испратени во Либерија. Последниот обид да се спасат беше експериментален – ќе преживеат или не?

„Ни олесни што гледаме дека им оди добро. Уште сме на почетоците на истражувањето. Наредни се обидите на човек. Закажани се за наредната година“, смета д-р Ерика Олман.

Успехот со двајцата Американци го постави прашањето – зошто тогаш расте бројот на починати во Африка? Гвинеја, Сиера Леоне, Либерија и Нигерија не успеваат да се справат. Заразените во очај молат да не се дозволи тие да умираат како муви.

„Ме видоа со треска и рекоа – сигурно има ебола, ставете го кај другите. Ако немам, ќе се заразам со самото тоа што сум со нив“, вели Руфус Мојзмах, заразен со ебола.

Американските власти го ограничуваат пристапот до серумот бидејќи е се уште експериментален и потенцијално опасен, но специјалистите апелираат да им се даде на Африканците. СЗО во моментов ја испитуваат етиката на таквата одлука.

„Велат дека не смееме да експериментираме за време на епидемија, фокусот треба да биде на ограничување на вирусот и грижа за пациентите. Но ќе ја чекаме ли наредната епидемија? На многу луѓе им треба помош“, изјави д-р Ерика Олман.

За сега, единствена бариера од еболата остануваат аеродромските проверки и карантинот. До сега во Македонија немало патници со симптоми. На аеродромот Александар Велики денеска профункционираа термалните камери со кои ќе се проверуваат сите што влегуваат во земјава.

Здравствените власти смируваат – евентуален заразен веќе би ги поминал филтрите на уште три до четири аеродроми според конекциите со епицентарот на вирусот во Западна Африка.

 

Ивана Салтировска