Трговската војна се разгорува, САД и Кина не отстапуваат од меѓусебно воведените дополнителни царини
Ниту САД, ниту Кина не отстапуваат од меѓусебно воведените дополнителни царини. Трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг се интензивира. Светските берзи повторно во слободен пад.

Кина и САД ја продлабочуваат трговската војна. Пекинг се спротивстави на Трамп и изјавите од Белата куќа која потврди дека тарифната стапка за кинескиот увоз била 145, а не 125 насто. Велат-не сакаме да војуваме, но нема ниту да се повлечеме.
„Кинеската страна не сака да биде вклучена во трговска војна, но не се плашиме ниту од војна. Нема да седиме и да ги гледаме лишените легитимни права и интереси на кинескиот народ, или меѓународните економски и трговски правила, како и мултилатералниот трговски систем уништен“, изјави Лин Џијан, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.
Трамп задоволен, тврди дека работите одат многу добро за неговата земја додека ги продолжува преговорите со 75 земји за кои прогласи тримесечна пауза на реципрочните царини. Нагласи дека светот има понуди какви досега немало, нагласувајќи дека сака договор со Кина.
„Ќе видиме што ќе се случи со Кина. Би сакале да постигнеме договор. Тие навистина нè искористуваа долги години. Дејствуваме само за да ги вратиме работите во ред. Поставуваме нови правила на игра и сигурен сум дека на крајот ќе имаме добар однос“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Трамп ја пофали Европската Унија дека е многу цврста, но и паметна, истакнувајќи дека решиле да повлечат рачна со противмерките откако виделе како САД постапиле со Кина. Брисел претходно соопшти дека царините за околу 21 милијарда евра на американски стоки се во мирување, но дека пристапот на Унијата не е променет. Се надеваат на договор.
„Нашиот пристап не е променет. Се подготвуваме за сите резултати. Сите наши инструменти се на маса. Сакаме да разговараме со Американците, да постигнеме договори од корист на двете страни. Им понудивме нула за нула за индустриски производи и стоки“, изјави портпаролот на Европската комисија, Олоф Гил.
Во однос на американските тарифи за автомобили кои остануваат во сила, ЕУ и Кина почнуваат преговори за укинување на царините за увоз на кинески електрични автомобили. Во екот на трговската војна во Пекинг на разговори пристигна шпанскиот премиер.
„Нашиот фокус секогаш ќе биде на развојот на заемно корисни односи. Шпанија, како што знаете, е длабоко проевропска земја, која ја гледа Кина како партнер на ЕУ. Секогаш ќе работи на унапредување на цврсти и избалансирани односи меѓу Кина и Европската унија, вклучувајќи ги економските и трговските односи, во кои преовладуваат дијалогот, реципроцитетот и хармонијата“, истакна шпанскиот премиер, Педро Санчез.
Истовремено, светските берзи продолжија да тонат поради неизвесноста по неотстапувањата на САД и Кина.
Бојана Крстевски
