СМК уште еднаш побара Македонија да ги прекине преговорите со Грција за името

09.08.2014 17:18

Во неколку усвоени резолуции СМК бара заштита на правата на нашинците во соседните земји. Организацијата формира фондација за многудетни семејства со намера да го афирмира бракот...

Светскиот македонски конгрес бара Скопје и Тирана да потпишат билатерален договор за основните права на Македонците во Албанија и на Албанците во Македонија на реципрочна основа. Вака како што е сега ситуацијата, не е добра, вели градоначалникот на Пустец.

„Македонците се обесправени, немаат право да учат свој мајчин јазик, не се интегрирани во институциите на системот и во реформите кои се случуваат во земјата“, смета Едмонд Темелко, претседател на Македонска Алијанса за европска иднина.

Не само во Албанија. Унапредувањето на положбата и правата на Македонците и во другите соседни држави се најде меѓу темите опфатени со резолуциите што ги донесе 24-то генералното собрание на Светскиот македонски конгрес.

Во другите се споменуваат  помирувањето и обединувањето на нашинците воАвстралија, Македонската црква и културното богатство. Во врска со проблемот со Грција, претседателот на ова организација го повтори познатиот став.

„Лудилото околу Македонија за промена на името на државата и идентитетот ќе заврши кога Владата на РМ ќе достави писмена нота до ОН и смета дека разговорите за името се исцрпени и ќе соопшти дека го продолжува членството во ОН под своето уставно име“, смета претседателот на СМК, Тодор Петров.

Светскиот македонски конгрес формираше и фондација за многудетни семејства наречена „Свети Никола“ кој е заштитник на децата. Со ова има намера да го афирмирабракот и семејството.

 

Анита Никушева – Јованчев