Јаневска: Со јакнење на образованието на девојчињата го отклучуваме потенцијалот на жените
Силно зајакнување на позицијата на жената во секој сегмент на општественото дејствување, како основа за просперитет и одржливост, е програмски фокус на оваа Влада. Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на економскиот форум „Зајакнување на работоспособните жени: Стратегии за отклучување на потенцијалот и зголемување на продуктивноста“...

Силно зајакнување на позицијата на жената во секој сегмент на општественото дејствување, како основа за просперитет и одржливост, е програмски фокус на оваа Влада. Во рамки на реформите на образованието, со цел да одговори на барањата на пазарот на труд, посебно внимание посветуваме на зголемување на пристапот на девојчињата кон стручните знаења и вештини, затоа што, не само што по завршувањето на средното образование нудат сигурна работа, туку и го олеснуваат нивниот упис на СТЕМ, ИКТ и техничките студиски програми.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на економскиот форум „Зајакнување на работоспособните жени: Стратегии за отклучување на потенцијалот и зголемување на продуктивноста“, во организација на Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, Скопје.
Јаневска рече дека бројот на девојчиња во средно стручно образование од година во година расте, и оваа учебна година споредено со 2021/22 запишани се околу 1.000 повеќе, односно во средните стручни училишта има 20.150 ученички.
„На овој план, сакам да нагласам дека го зајакнуваме кариерното советување во училиштата, како процес кој покрај придонесот кон градење поквалитетен кадар, ни овозможува да делуваме на разбирање на можностите, рушење на стереотипите и градење самодоверба кај девојчињата, со цел тие да ги препознаат своите таленти, способности и потенцијали. Градиме кариерно советување како алатка која ќе им помогне на девојчињата да изберат професии кои ќе значат нивна реализација, што, од друга страна, носи позитивни промени во општеството. За оваа цел, во Законот за основно образование предвидовме училиштата да реализираат програма за професионална ориентација на учениците, а во средните училишта ќе има кариерни советници. Европската тренинг фондација ќе ни помогне во нивната обука за стекнување соодветни компетенции“, појасни министерката Јаневска.
Во основното образование, стратегија е во што поголем број училишта да се воведе едносменска настава и продолжен престој на ученици и на наставници во училиштата, како суштински предуслов за поквалитетно образование.
