Економија

Занаетчиството во длабока криза, потребна е итна помош

12.04.2025 14:07

Занаетчиството е во длабока криза, потребна е итна помош од државата, за спас на оваа стопанска гранка. Наместо субвенции и поддршка за привлекување млади занаетчии, се донесе одлука за фискализација на занаетите во централното подрачје, на што остро реагира фелата …

Потребна е стратегија и итни мерки за да запре изумирањето на занаетите. Бројот на занаетчии рапидно се намалува. За поддршка и спас на оваа стопанска гранка, која е во длабока криза, државата мора итно да воведе субвенции за млади, ослободување од придонеси и давачки, занаетчиска струја со пониска тарифа.

Голем број занаетчии од Охрид последниве години ги затворија дуќаните и се вработија во автомобилските фабрики.

„Моментално нема никакви поволности за младите за нов бизнис во занаетчиството. Младите бараат субвенции прво што прашуваат што би им државата помогнала ништо, освен ослободување од персонален данок од три години што ги следи секој за прво вработување без разлика дали би се регистрирал како занаетчија што не е доволно да ги убедиме младите да се занимаваат со занаетчиство“, вели Сашо Богоески претседател на Регионална занаетчиска комора.

Дополнителен товар е воведувањето фискализација на занаетите во централното градско јадро, на што остро реагира фелата.

„Некоја одлука донесена преку ноќ, решенијата за паушал беа изготвени во петок, во понеделникот се повлекоа назад и дел од занаетчиите беа фискализирани. Математика правевме државата со тоа не добива ништо, го губи персоналниот данок кој го имаше сигурно во раце од 25.000 до 30.000 годишно, сега го нема“, вели Богоески.

Од 280 занаетчии во Охрид во последниве 4 години бројот се намалил на 200. Останаа само четворица кондураџии, повеќето пред пензија. Постои опасност во скоро време да нема мајстори, плочкари, ѕидари, молери, столари и лимари.

Соња Рилковска