Готвачите заминуваат, угостителите импровизираат
Во Македонија има квалитетни готвачи, но поради ниските плати, потценетоста на професијата и неможноста за напредување најголемиот дел од нив заминуваат во странство. Тоа е огромен проблем, особено за македонскиот туристички бисер Охрид, бидејќи во дури деведесет и седум проценти од угостителските објекти не работат професионални готвачи …

Додека студентите по гастрономија од охридскиот Факултет за туризам и угостителство освојуваат највисоки награди на меѓународните натпревари по кулинарство, во охридските угостителски објекти работат само 10-тина проценти образовани професионални готвачи. Одливот на кадри од оваа професија е пред сè поради ниските плати кои во некои земји од регионот и во државите од Европската Унија се повисоки за 3 до 4 пати.
„Материјалните средства кои ги нудат странските земји не може да ги понуди нашата земја, па затоа и младите готвачи одлучуваат да останат во странските земји, дури и да не се вратат овде“, изјави Христијан Трајковски-дипломиран менаџер по гастрономија.
„Можеби ќе останам во Македонија, но добри се и Хрватска и Словенија. Нудат повеќе“, изјави Стефан Аврамоски, студент на Факултет за туризам и угостителство Охрид.
„Доколку тука земаат плата помеѓу 600,700 до 800 евра, за некои готвачи коишто се на висока позиција не земаат повеќе од 1.500 евра, а ја носат целата работа на своите раменици, 1.500 евра зема почетник во Хрватска“, изјави проф. д-р Климент Наумов од Факултет за туризам и угостителство Охрид.
Одлуката да се замине во странство не е само поради парите, туку и можноста да се напредува во професијата, условите за работа и односот кон готвачите.
„Јас имам доста искуство надвор. Сум работел во Хрватска неколку години и во Македонија. Реално платите се доста повисоки таму и поценет е готвачот таму, отколку во Македонија. Самиот гостин доаѓа поради шефот на ресторанот, поради кујната, а не поради сопственикот на ресторанот“, изјави Христијан Јорданоски, студент на Факултет за туризам и угостителство Охрид.
Експертите и студентите велат дека е крајно време хотелиерите и угостителите да започнат да препознаваат што е квалитет, бидејќи во Македонија премногу се импровизира. Очекуваат конечно да се прифатат стандардите кои се применуваат во поразвиените европски држави.
Сашо Нелоски
