Се проширува истрагата за трагедијата во Кочани, уапсени повеќе функционери
Се проширува истрагата за трагедијата во Кочани. Упасени актуелен министер, директор и поранешни функционери и министри уште од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Истрагата се проширува на нови дваесет лица, а деветнаесет од нив се веќе обезбедени и се вршат разговори...

Упасени актуелен министер, директор и поранешни функционери и министри уште од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Се проширува истрагата за трагедијата во Кочани. Според информации на МТВ, полицијата на информативен разговор ги повикала поранешните министри за економија, актуелен министер без ресор, како и екс-директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Исто така ќе се испитува и актуелниот директор на Дирекцијата. Опфатени се и повеќе поранешни функционери.
Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба со која ја прошири истрагата во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на нови 19 лица. Сите тие се осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
„Станува збор за службени лица, кои во периодот од 2012 до 16.03.2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот на луѓето и имот од големи размери. Меѓу новите осомничени се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри за економија, државни секретари и други службени лица од тоа министерство, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат“, велат од Јавното обвинителство.
Истрага се проширува на нови дваесет лица, а деветнаесет од нив се веќе обезбедени и се вршат разговори. Повеќе информации од полицијата најавија наскоро.
Со реакција се јавија и од Демократската унија за интеграција.
„Албанскиот народ во земјава е под напад од институциите на сопствената држава коишто се целосно заробени од политичките и етноцентристички интереси на Власта. Јасно изјавуваме дека против Албанците е прогласена еднострана и неправедна агресија“, велат меѓу другото опозициската ДУИ.
На ставот на ДУИ, реагираше и владејачката партија. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да дозволат криминалот да се маскира како етничко прашање. Напротив, велат, се гради еднаква држава за сите.
„ДУИ, партијата која две децении владееше преку рекет, корупција и уценети институции, денес повторно се обидува да ја избегне одговорноста со евтини обиди за етничка манипулација. Обвинувањата дека институциите на државата водат етнички мотивирани истраги се не само срамни, туку и опасни. Ниту една етничка заедница не е цел, цел се поединци осомничени за криминал. ДУИ сака да создаде конфликт таму каде што има само правда. Но, времето на недопирливите заврши“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
До овој момент, кочанското обвинителство во врска со пожарот поведе истрага против вкупно 45 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против полициски службеници од Штип и Кочани.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март, животот го загубија 61 лице, а речиси 200 беа повредени.
Борис Грујоски
