свет

Засилени дипломатски напори за мир во Украина

12.04.2025 16:21

Засилени дипломатски напори за мир во Украина, Киев сака да стави крај на војната оваа година, останува на Москва да покаже дали е за прекин на огнот е, став на шефот на украинското МНР. Министерот за надворешни работи на Русија вели дека претседателот Трамп разбира многу повеќе за она што се случува во Украина од кој било европски лидер. Украина тема и на дипломатскиот форум во Анталија на којшто присуствува и македонскиот министер за надворешни работи и трговија, Муцунски...

Продолжија нападите со беспилотни летала на украинска територија. Има повредени. Предизвикана е сериозна штета на станови и деловни објекти во Киев и други делови на земјата, соопштија властите. Украина една од темите и на дипломатскиот форум во Анталија под покровителство на турскиот претседател Ердоган. Киев сака да стави крај на војната оваа година, сега останува на Москва да покаже дали е за прекин на огнот или не, став на шефот на украинското МНР.

„Улогата на Турција е навистина многу важна. Сметаме на понатамошната поддршка на напорите на нашите колеги. Украина сака да стави крај на војната оваа година. Сакаме да постигнеме праведен, сеопфатен, долготраен мир, и ни треба поддршка од такви земји како Турција“, изјави Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Анталија.

Се чини дека претседателот Трамп разбира многу повеќе за она што се случува во Украина од кој било европски лидер, рече рускиот министер за надворешни работи Лавров. Потенцираше дека територијата, суверенитетот и идејата на Европа за испраќање на мировници во Украина и натаму не е доволно објаснета. Реагираше и на изјавата на пратеникот на Трамп за Украина, Келог, кој негираше дека предложил поделба на земјата.

„Би го повторил она што го рече Зеленски: не ни требаат мировници, ни требаат борбени единици. Донесете свој заклучок. Но, Кит Келог вчера рече, зошто да не ја поделиме Украина како што го поделивме Берлин по Втората светска војна? Потоа рече дека е погрешно разбран. Но, на сите им недостасува клучната точка. Лидерите на бриселската бирократија велат: мора да постигнеме договор кој на крајот на денот мора да го гарантира суверенитетот на Украина. Тие не спомнаа територијален интегритет, туку суверенитет. Моето прашање е: сакате да кажете дека ќе имаме мировници кои ќе го задржат истиот режим со кој сега раководи Зеленски?“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

За мир во Украина се посилни се дипломатските напори. Специјалниот пратеник на Трамп, Виткоф, се сретна со рускиот претседател Путин во Санкт Петербург. Од Кремљ соопштија дека средбата траела повеќе од четири часа и била фокусирана на аспектите на договор за Украина и условите за постигнување мир. Полскиот амбасадор во Турција верува во идејата за хибриден мир.

„Со свои очи видов како се подготвуваше, како почна, сета оваа хибридна, да речеме, фаза од оваа војна. И за мене тоа беше навистина голема, голема лекција. Особено, се сеќавам на завршувањето на разговорите со украинските војници. Ме прашаа, знаеш што се случува по хибридна војна? Хибриден мир. Многу зборувавме за хибридна војна, но исто така треба да имаме на ум дека мирот може да биде и хибриден“, изјави Мациеј Ланг, амбасадор на Полска во Турција.

Форумот под покровителство на турскиот претседател Ердоган на едно место собра околу 450 претставници од 140 земји, вклучително и 20 на ниво на шефови на држави и влади меѓу кои е и министерот на надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски.

 

Маријана Димовска