Социјалните мрежи и мобилните, причини за булинг
Во три кумановски училишта веќе е забрането користење мобилни телефони за време на наставата. Анализа покажа дека социјалните мрежи и мобилните телефони се основните причини за булинг. Во Куманово неколку случаи на врсничко насилство се пријавени и во полиција. За дел од нив се водат и судски постапки …

Социјалните мрежи и мобилните телефони се основните причини за булинг. Дури 81 отсто од анкетираните основци од Куманово, Гази Баба и Кисела Вода, го потврдиле тоа, покажа студијата за кохезивно и инклузивно општество. Од Секторот за образование Куманово потврдуваат дека булингот постои, а жртвите сè уште не пријавуваат. Велат мора да се утврди дали врсничкото насилство што се потенцира на социјалните мрежи, како исмевање и други начини на тортура, се случува во училиштата или надвор од нив. Во три училишта веќе е забрането користење мобилни телефони за време на наставата.
„Кои се надлежностите на училиштето за мобилните телефони и пак ќе ја поднесам онаа иницијатива за забрана на мобилни телефони и ако таа петиција стигне до мене ќе ја потпишам со две раце затоа што сметам дека телефоните само го одвлекуваат вниманието“, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Сектор за образование Куманово.
Во истражувањето 65 отсто од учениците потврдиле дека биле сведоци на каква било форма на физичко насилство. Дури 77 проценти не побарале помош или поддршка кога забележале ваков случај.
Во Куманово неколку случаи на врсничко насилство се пријавени и во полиција. За дел од нив се водат и судски постапки.
Надлежните повикуваат на почести активности и соработка на наставниците, учениците и родителите, но и построги дисциплински мерки.
Елена Георгиевска
