Мразот предвреме го обра родот
Овошките во велешко и Росоман пролетва замрзнаа од ниските температури и мразот кој се појави во два наврати последните две седмици. Родот на кајсии, јаболка, праски, ќе биде осетно намален. Овоштарите во дилема дали ќе бидат обесштетени. Министерот Трипуновски ги охрабрува дека нема да бидат заборавени...

Во два наврати изминатите две седмици ниските температури, мразот, ги замрзнаа овошките во велешко и Росоман, кои беа во фаза на цут. Овоштарите песимисти дека годинава ќе имаат род и ако го има тој ќе биде симболичен, кој нема да може да покрие вложените средства. Велат дека состојбата е алармантна.
Замрзнувањето на сите овошки е над 80 отсто. Овоштарите скептични дека ќе добијат обесштетување за замрзнатите овошки, оти искуствата од претходните години биле лоши. Овоштарите од Росоман се жалат дека уште не ги добиле и парите за сушата од прекинот на водата за полевање од системот „Макарија“ пред две години. Ниту можеле да го осигурат родот од замрзнување оти ниту една компанија не прифаќала договор.
Министерот за земјоделие Трипуновски ги повика овоштарите да ги пријават настанатите штети од ниските температури, општинските комисии навремено да ги сработат сите барања и процени коишто се направени на терен. Најави дека владата ќе излезе во пресрет и ќе ги обесштети сите коишто претрпеа штета од овие ниски температури.
Петар Печков
