Напад со балистички проектили врз украинскиот регион Суми, над 20 загинати и десетици повредени
Напад со балистички проектили врз украинскиот регион Суми, над 20 загинати и десетици повредени. Украинскиот претседател вели дека преговорите не можат да ги запрат гранатирањата и побара построг однос кон Русија како кон терористичка држава. Преговорите за решавање на конфликтот во Украина можеби се одвиваат добро, став на американскиот претседател Трамп...

Русија истрела балистички ракети врз центарот на градот Суми во североисточна Украина. Има жртви и повредени. Државната служба за итни случаи соопшти дека од гранатирањето биле погодени станбени згради, образовни институции и возила. Светот мора да реагира цврсто. Без притисок врз Русија, мирот е невозможен, порача Зеленски. Тој додаде дека преговорите не можат да ги запрат балистичките проектили и воздушните напади, повикувајќи на построг однос кон Русија како кон терористичка држава. Сличен напад се случи пред неколку дена во Кривји Риг, родниот град на украинскиот претседател.
„Непријателот го погоди центарот на Суми со два балистички проектила. Спасувачките операции се во тек, повредените се лекуваат. Во моментот на нападот многу луѓе беа на улиците. Непријателот имаше намера да нанесе максимална штета на луѓето во Суми“, изјави Володимир Артјух, шеф на регионалната воена управа Суми.
Преговорите за решавање на конфликтот во Украина можеби се одвиваат добро, вели американскиот претседател Трамп. Изјавата следува откако специјалниот пратеник Виткоф, во Санкт Петербург се сретна со рускиот претседател Путин. Виткоф го повика шефот на Кремљ да ги продолжи преговорите за прекин на огнот.
„Мислам дека преговорите меѓу Украина и Русија би можеле да се одвиваат во добра насока и многу брзо ќе дознаете повеќе за тоа. Доаѓа момент кога мора или да прифатите нешто или да замолчите. Ќе видиме што ќе се случи, но мислам дека сè се движи во добра насока“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Во меѓувреме, Рускиот амбасадор во Обединетото Кралство не ги отфрли наводите дека руски сензори биле скриени во морињата околу Велика Британија во обид да ги следат британските нуклеарни подморници. Обвинувањата доаѓаат откако Кралската морнарица објави слики во март на руски воен брод што го следела како плови во близина на британските води.
„Нема да го негирам тоа, но се прашувам дали навистина имаме интерес да ја следиме целата британска подморница со многу стари застарени нуклеарни боеви глави. Сите овие закани се претерани. Го негирам постоењето закана за Велика Британија. Оваа закана е измислена, е измислена, апсолутно, нема никаква закана од Русија“, изјави Андреј Келин, амбасадор на Русија во Велика Британија.
Велика Британија заедно со Франција ја предводи „коалиција на подготвени“ за мир во Украина која би била одговорна за обезбедување и спроведување на каков било мировен договор.
Маријана Димовска
