истрага

Проширена истрагата за пожарот во „Пулс“, досега опфатени вкупно 45 луѓе и три фирми

13.04.2025 16:00

За четири осомничени мерка притвор, за седум-куќен притвор, за други седум мерки за претпазливост. Ова е епилогот по проширувањето на истрагата на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Вкупно 45 луѓе и три фирми се опфатени со проширената истрага на Обвинителството за системски пропусти кои доведоа до тешки последици од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде што загинаа 61 лице, а речиси 200 беа повредени...

Притвор за четворица од новите 19-мина осомничени за пожарот во Кочани, бара Обвинителството. За седуммина се бара куќен притвор и забрана за комуникација, а за уште седум од новоприведените, се бараат мерки за претпазливост. Ова го изјави државниот обвинител Љупчо Коцевски кој заедно со министерот за внатрешни Панче Тошковски, одржаа заедничка прес-конференција во Обвинителството. Меѓу осомничените се и двајца поранешни и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, како и актуелниот генерален инспектор во ДЗС.

Времето кога кабелот и пајакот беа криви заврши, изјави министерот за внатрешни работи. Тој рече Министерството покажало дека законот важи за секој што ќе се огреши, а при тоа да се собрани соодветни докази. Тој додаде дека со ваков пристап постои шанса да се „рестартира“ системот.

Вкупно 13 години ниту еден инспектор од Кочани не спровел проверка на објектот, кој од лесна индустрија бил пренаменет во дискотека.

Истрагата не е готова, таа ќе трае уште најмалку два месеца, најави државниот обвинител.

Вкупно 45 луѓе и три фирми се опфатени со проширената истрага на Обвинителството за системски пропусти кои доведоа до тешки последици од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде што загинаа 61 лице, а речиси 200 беа повредени.

 

Борис Грујоски