Украина

Руски напади во Украина

14.04.2025 09:34

Продолжуваат руските напади во Украина. Синоќа со дронови од Црно Море, ракетирани Одеса и регионот. Светот со остра осуда по нападот врз Суми, во кој загинаа над 30 лица, меѓу кои и деца...

Со беспилотни лета нападната Одеса, погодена болница и цивилна инфраструктура, има повредени, објавија украинските власти. Русија направи грешка со смртоносниот напад врз градот Суми, изјави американскиот претседател. Трамп вели дека се обидува да ја запре војната на поранешниот претседател Бајден. Во нападот со два балистички проектила на североистокот на Украина загинаа над 30 луѓе, а десетици беа повредени.

„Мислам дека беше страшно. И ми кажаа дека згрешиле. Мислам дека тоа е ужасна работа. Мислам дека целата војна е ужасна работа. Таа војна е злоупотреба на моќта. Оваа земја никогаш немаше да дозволи таа војна да почне ако јас бев претседател. Таа војна е срамота. Милиони луѓе се мртви. Се уништуваат градови низ цела Украина. Целата култура ја нема“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Украинскиот претседател ги повика САД и Европа силно да одговорат на, како што рече, рускиот тероризам. Зеленски остро го осуди смртоносниот ракетен напад кој е втор за повеќе од една недела, по гранатирањето на Кривји Риг во кој загинаа над 20 луѓе.

„Само притисок, само решителната акција може да го промени ова. Секоја руска балистичка ракета, секоја крстосувачка ракета, секоја руска Шахед, секоја бомба, го погодува не само нашиот народ, не само нашите заедници, туку и дипломатијата, и политичките напори на секој што навистина се обидува да го доведе ова до крај“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Меѓународната заедница со став дека е потребно итно примирје во Украина.

„Уште еден ужасен напад во Украина, на којшто беше таргет цивилна инфраструктура и загинаа невини луѓе и деца. Ова се случи неколку часа по средбата на специјалниот пратеник Виткоф со рускиот претседател Путин. Ова покажува дека Русија има целосно непочитување на мировниот процес и не жали за човечкиот живот. Се надевам дека ова ќе нè охрабри да ја засилиме стратегијата“, изјави Елина Валтонен, министерката за надворешни работи на Финска.

Одлуката дали да се продолжи мораториумот на нападите на енергетските капацитети во Русија и Украина ќе зависи од рускиот претседател Путин, велат од Кремљ. Москва и Киев со меѓусебни обвинувања дека во суштина не го почитува мораториумот.

 

Маријана Димовска