ЕКВАДОР

Даниел Нобоа реизбран за претседател на Еквадор

14.04.2025 09:40

Еквадорските гласачи го реизбраа претседателот Даниел Нобоа. Победата му дава четири години да ги исполни ветувањата што првпат ги даде во 2023-та година, кога победи на предвремените избори...

Еквадорските гласачи го реизбраа претседателот Даниел Нобоа. Победата му дава четири години да ги исполни ветувањата што првпат ги даде во 2023-та година, кога победи на предвремените избори. Неговата противкандидатка, Луиза Гонзалес, вети дека ќе бара повторно пребројување на гласовите и обвини за изборна измама.

„Овој ден беше историски, оваа победа исто така беше историска. Победа од повеќе од десет поени, победа од повеќе од 1 милион гласови, каде што нема сомнеж кој е победник, а тоа се заснова на истрајноста, борбата и работата на секој од членовите на овој тим, на овој тим што бара нов Еквадор“, изјави Даниел Нобоа, претседател на Еквадор.

„Ние ќе го браниме нашето право на демократија и ќе побараме пребројување на гласовите и отворање на гласачките места, бидејќи Еквадор не може да продолжи да биде управуван од некој кој не е способен да ја води земјата кон мир, кон ненасилство, кон развој, којзнае само да прави бизнис за своето семејство, да го прогонува и мрази еквадорскиот народ“, изјави Луиза Гонзалес, претседателски кандидат, Движење Граѓанска револуција.

Властите во Еквадор прогласија вонредна состојба во седум од вкупно 24 провинции, вклучително и во главниот град Кито, само еден ден пред одржувањето на вториот круг од претседателските избори. Мерките беа воведени поради драматично зголеменото насилство поврзано со наркокартелите.