Култура

Велигденски концерт со грандиозната „Голема миса“ во це-мол од генијалниот Моцарт

14.04.2025 11:10

Диригентка е Ребека Тонг од Индонезија, а како солисти ќе настапат сопранистките Милена Арсовска и Гонца Богоромова Краповски, тенорот Благој Нацоски и басот Игор Дурловски. Настапува и хорот „Едикт“ од Ниш.

Во среда, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи својот Велигденски концерт насловен „Per Aspera ad Astra“ („Низ трње до ѕвездите“). На концертот за првпат ќе биде изведена „Голема миса“ во це-мол, вокално – инструментално ремек дело на Волфганг Амадеус Моцарт. Диригентка е Ребека Тонг од Индонезија, а како солисти ќе настапат сопранистките Милена Арсовска и Гонца Богоромова Краповски, тенорот Благој Нацоски и басот Игор Дурловски. Настапува и хорот „Едикт“ од Ниш.

Маестра Ребека Тонг е матичен диригент на Симфонискиот оркестар на Џакарта и уметнички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. За време на студиите работела како асистент во Филхармонискиот оркестар на Би-би-си и со Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул. Соработувала и со „Манчестер камерата“.

Гонца Богоромова Краповски е уметница која своите достигнувања успешно ги афирмира на домашната и меѓународната концертна сцена како една од најистакнатите вокални уметници од  помладата генерација на солисти во нашата земја. Има активна и сестрана кариера како солист, педагог и камерен музичар. Како изведувач, таа остава силен впечаток со обемот на репертоарот кој вбројува дела од периодот на барокот, класицизмот, романтизмот и современата музика на 21 век, и важи за сопран со софистициран уметнички израз и исклучителна вокална техника.

Благој Нацоски е нашиот најпознат тенор во светот. Особенo ценет за неговиот префинет стил при изведбите и извонредната музикалност, Нацоски во изминатите години бележи огромни успеси во Миланската скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија.

Игор Дурловски има богата меѓународна кариера. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје и ја завршил својата магистратура со највисока оценка – cum laude. Дурловски дебитирал во 1999 година во Македонската опера, каде што учествувал во повеќе од 20 премиерни продукции. Неговото меѓународно деби било во Виенската камерна опера, а настапувал во бројни продукции во Државниот театар во Касел, во Операта во Лајпциг, во Линцер Ландестеатар, во Државниот театар во Штутгарт, во Макао, Кина, а настапил и во Операта во Хонгконг.