„Гумено време“ на Ана Ивановска во КИЦ Истанбул

14.04.2025 11:51

Проектот „Гумено време“ е визуелно истражување на последиците од глобалните кризи – пандемијата, војните и политичките конфликти – врз индивидуалното и колективното искуство. Преку фотографии, фотомонтажи и инсталации, Ивановска создава дела што го отсликуваат растечкото чувство на несигурност и изместеност на времето...

Македонскиот културно – информативен центар во Истанбул ја најавува изложбата „Гумено време“ на истакнатата македонска уметница Ана Ивановска, која ќе биде отворена на 15 април 2025 година (вторник), со почеток во 19:00 часот во галеријата на КИЦ Истанбул.

Проектот „Гумено време“ е визуелно истражување на последиците од глобалните кризи – пандемијата, војните и политичките конфликти – врз индивидуалното и колективното искуство. Преку фотографии, фотомонтажи и инсталации, Ивановска создава дела што го отсликуваат растечкото чувство на несигурност и изместеност на времето – време што се развлекува, истегнува и ја губи формата. Делата третираат теми како изолација, страв и ограниченост, но и трансформација, отпор и надеж.

Ана Ивановска (Скопје, 1982) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство (2006). Во 2007 год. го завршува Педагошкиот оддел а во 2011 ги завршува постдипломските студии на отсек сликарство на истиот факултет.

Од 2006 год. член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и еден од основачите на уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. (2009 – 2011) и групата „МОМИ“ (2012). Сопственик е на ТП уметничка работилница КРЕАТИВНА СЛОЖУВАЛКА (2014) и имаше статус на самостоен уметник (Министерство за култура) од 2015 до 2023 година. Била член на жирито на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (2022/23) и член на Управниот одбор на BIEAF 2023/2024, меѓународен уметнички фестивал за животна средина во Бусан, Ј. Кореја организиран од Јусанг Ли (2023).

Реализирала 22 самостојни и над 150 групни изложби во Македонија и странство. Ана ја доби годишната награда „Денес“ за млад ликовен уметник од Центарот за современи уметности (2008), Наградата за вајарство доделена од ДЛУМ (2017), наградата за нови медиуми доделена од ДЛУМ (2020), наградата за „10 најдобри светски уметници“ од BIEAF на 21. Интернационален фестивал за еколошка уметност во Бусан, Јужна Кореја за изложбата „Старата иднина“ (2025) и беше претставник на Р.М. на интернационалниот натпревар на 7-мите Франкофонски игри во Ница, Франција (2013).

Остварила уметнички престои во Тирана, Албанија, Културно-информативен центар на Р. Македонија (2024); галерија МЦ, Њујорк, САД (2022); CreArt, Скопје, Р.С. Македонија (2020); Папрадиште, Р.С. Македонија, (2019); Тирана и Корча, Албанија, „Галерија Кало“ (2019); Берлин, Германија, „Прима центар“ (2018); Париз, Франција, „Cite Internationale des Arts“ (2014); Виена, Австрија, Австриско Федерално Министерство за образование, уметност и култура (2011); Њујорк, САД, YVAA (Young Visual Artist Award) во програмата ISCP (International Studio and Curatorial Program) (2009).

Нејзината уметничка практика се базира на работа во различни медиуми и нивна комбинација: инсталација, објект, слика, скулптура, видео, перформанс, цртеж. Нејзините дела ја истражуваат врската меѓу природата, индивидуата и општеството, балансирајќи спротивности како микро и макрокосмос, живот и смрт, духовно и материјално. Преку имерзивни инсталации, таа го трансформира просторот и перцепцијата, повикувајќи на размислување за егзистенцијата.