Кошарка

Кошаркарите во нов европски поход

10.08.2014 15:41

Многу работи се поинакви во македонската репрезентативна кошарка. Промената на генерации, отсуството на ѕвездите коишто го искачија националниот тим до четвртото место во Европа, ги менуваат почетните позиции, па нашата селекција сега не е изразит фаворит во квалификациската група...

Трипати по ред, а вкупно четирипати, македонските кошаркари беа дел од европските првенства. Во наредните 17 дена преку шест квалификациски натпревари, нашата репрезентација ќе се обиде да остане во привилегираното континентално друштво. Вечерва против Белгија во арената „Борис Трајковски“, со пренос на Првиот канал од 20 часот и 20 минути, ќе добиеме појасна слика за тоа дали Македонија има сили да ја мине портата којашто води до Евробаскетот во 2015-та.

Многу работи се поинакви во македонската репрезентативна кошарка. Промената на генерации, отсуството на ѕвездите коишто го искачија националниот тим до четвртото место во Европа, ги менуваат почетните позиции, па нашата селекција сега не е изразит фаворит во квалификациската група. Белгија, Данска и Белорусија навидум не треба да се противници што би можеле да ни кренат рампа за настап на континенталниот собир, но со оглед на значително подновениот состав во којшто главна улога ќе имаат оние кои досега добиваа мала минутажа, претпазливоста не смее да остане во соблекувалната. Победите над Црна Гора, Полска, Романија, Австрија и Грузија и тесните порази од Италија и од Хрватска не се вистински показател. На паркетот во „Борис Трајковски“, првиот квалификациски ривал Белгија ќе ни покаже какво е нивото на сегашната репрезентативна генерација.

Системот на натпревари и оди во прилог на Македонија. Во групата со четири селекции потребно ни е второто место, но со што повеќе бодови затоа што на Евробаскетот ќе одат првопласираните и шест од седум второпласирани селекции. Во конкуренција на Белгија, на Данска и на Белорусија, во поинакви околности Македонија ќе тренираше. Сега Белгијците важат за благи фаворити за првото место, па затоа триумф вечерва над нив ќе ни овозможи поголема комоција во пресрет на трите гостувања во низа. Прво во Данска, потоа во Белорусија и на крајот во Белгија. Квалификациите ќе ги завршиме со два домашни меча, со Данска на 24-ти и со Белорусите на 27-ми август. Ако се тече според плановите и желбите, Македонија ќе го продолжи континуитетот од учества на европските шампионати. Во 99-тата во Франција не ја минавме групата, декада потоа во Полска игравме во втората фаза, во 2011-та во Литванија ја освоивме Европа со четвртото место, а пред две години во Словенија разочаравме со делба на 21-то.