Фудбал

Вардар и Шкендија му даваат белег на второто коло

10.08.2014 15:43

Имаат најмногу пари, се засилија и составија екипи по желба, победија на отворањето на сезоната. Нивниот меѓусебен дуел му дава главен белег на второто коло...

Во Првата македонска фудбалска лига, Вардар и Шкендија влегоа како најголеми фаворити во трката за тронот. Имаат најмногу пари, се засилија и составија екипи по желба, победија на отворањето на сезоната. Нивниот меѓусебен дуел му дава главен белег на второто коло.

На „Филип втори“ од 19 часот скопскиот тим ќе се обиде да дојде до деветтата победа во петнаесеттиот натпревар со Шкендија пред своја публика. Тетовци имаат две победи, а четири средби во главниот град досега завршија нерешено. Дербито може да го гледате на интернет страницата на Фудбалската федерација на Македонија. Преостанатите три денешни соочувања од второто коло почнуваат од 17 и 30. Металург ќе го пречека Силекс, Турново ќе игра со Пелистер, а Тетекс со Брегалница. Вчера Ренова го совлада Работнички со 2-1.

Поради тој триумф со гол во судиското надоплнување, Ренова засега е прва на некомплетната табела со четири бода, еден повеќе во однос на Металург, Силекс, на Шкендија и на Вардар. Тетекс има еден, а четири екипи се без бод: Брегалница, Пелистер, Турново и шампионот Работнички кој веќе одигра два меча, а се уште е на нула.