Хајрулахи и Цветановски на сослушување за дисциплинските постапки
Суспендираните виши скопски обвинители, Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски даваат исказ пред дисциплинска комисија во Обвинителството...

Двајцата виши скопски обвинители, Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски на сослушување пред дисциплинската комисија во врска со наводите дека сториле тешки дисциплински повреди. Седницата е затворена, а рочиштето е почнато во 10 часот.
Од обвинителството не ги коментираат процесот, но уверуваат дека се води законски, а Комисијата е самостојна во одлучувањето.
„Сослушувањата на јавните обвинители против кои е поведена постапка траат онолку колку што е неопходно заради утврдување на фактичката состојба, при што е исклучена јавноста. Јавното обвинителство нема можност да ги коментира рочиштата“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.
Дисциплинската постапка против двајцата обвинители ја иницираше државниот обвинител Коцевски бидејќи по извршениот увид во предметите констатирал дека четири случаи Цветановски се откажал од жалба или обвинение, а во три од нив добил амин од неговиот шеф Хајрулахи. Дисциплинската постапка пак против скопскиот виш обвинител се однесува на неправилности при заведувањето на предметите.
Според информации на МТВ, претседателка на дисциплинската комисија е вишата обвинителка од Гостивар Вјолца Елмази, чие име беше споменувано по изрекувањето на пресудата за сообраќајната несреќа во Тетово, каде обвинетиот Менсур Пајазити доби две години затвор.
Случајот дојде до државниот обвинител кој ќе проверува дали Елмази постапувала законски.
Анита Димитријевска – Велковска
