Ден на Царинската управа, годинава наплатени 13,6 милиони евра повеќе од лани
Царинската управа е на петто место во борбата против корупцијата од 72 институции. За ефикасноста зборува наплатата на приходите која е драстично зголемена. Зголемени се и запленетите, но и кривичните пријави до Обвинителството. Се одбележува денот на Царинската управа...

Министерката за финансии, Димитриеска Кочоска американските царини ги гледа како шанса за нашата земја. Не ја исклучува можноста да го зголемиме директниот извоз кон САД. Очекува дека американската администрација ќе ја промени одлуката и ќе има намалување. Ова го базира на комуникацијата на премиерот Мицкоски на високо ниво со САД. Па дури и да не се случи тоа уверува дека нема директен негативен ефект од трговската размена со САД. Но, можни се проблеми долгорочно од размената со ЕУ.
Големи количини на дрога, накит, тутун, но и автомобили со висока милионска вредност заплениле македонските цариници. 125 милијарди денари била наплатата на приходи минатата година, а 480 милиони евра само во првото тромесечје. Од 410 заплени во 2024-та, 310 биле во втората половина на годината. За 77 отсто се зголемиле заплените во првото тромесечје во споредба во минатата година.
Царинската управа во борбата против криминалот и корупцијата е на петтото место од 72 институции според ДКСК. За 13 царински службеници поднесени се кривични пријави до ОЈО поради несовесно работење.
Александра Велинова
