Нови напади во Украина, меѓународната заедница со остра осуда
Меѓународната заедница со остра осуда за синоќешниот напад во Суми, бараат итно примирје во Украина и поголем притисок врз Москва. Трамп вели-се обидува да ја запре војната, уверува дека нападот е грешка. Се огласи и Кремљ-мета на Русија единствено се воени цели, го обвини Киев дека користи цивили како воен штит. Во меѓувреме, со беспилотни летала гранатирана Одеса и Запорожје, одново погодена цивилна инфраструктура …

Русија изврши нови напади во Одеса. Погодена болница и цивилна инфраструктура. Нападот доаѓа ден по смртоносните удари врз Суми во кој загинаа над 30 луѓе. Зеленски бара САД и ЕУ силно да одговорат на рускиот тероризам. Трамп вели-се обидува да ја запре војната, а за нападот уверува дека бил грешка.
„Мислам дека беше страшно. И ми кажаа дека згрешиле. Мислам дека тоа е ужасна работа. Мислам дека целата војна е ужасна работа. Таа војна е злоупотреба на моќта. Оваа земја никогаш немаше да дозволи таа војна да почне ако јас бев претседател. Таа војна е срамота. Милиони луѓе се мртви. Се уништуваат градови низ цела Украина. Целата култура ја нема“, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.
„Само притисок, само решителната акција може да го промени ова. Секоја руска балистичка ракета, секоја крстосувачка ракета, секоја руска Шахед, секоја бомба, го погодува не само нашиот народ, не само нашите заедници, туку и дипломатијата, и политичките напори на секој што навистина се обидува да го доведе ова до крај“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Цел ни беше состанокот на украински команданти во Суми, мета на Русија се единствено воени цели-се огласи Кремљ и обвини дека Украина користи цивили како воен штит.
„Нашата војска напаѓа само воени и квази-воени цели“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Меѓународната заедница бара итно примирје во Украина и поголем притисок врз Москва.
„Уште еден ужасен напад во Украина, на којшто беше таргет цивилна инфраструктура и загинаа невини луѓе и деца. Ова се случи неколку часа по средбата на специјалниот пратеник Виткоф со рускиот претседател Путин. Ова покажува дека Русија има целосно непочитување на мировниот процес и не жали за човечкиот живот. Се надевам дека ова ќе нè охрабри да ја засилиме стратегијата“, рече Елина Валтонен, министерка за надворешни работи на Финска.
Одлуката дали да се продолжи мораториумот на нападите на енергетските капацитети во Русија и Украина ќе зависи од рускиот претседател Путин, велат од Кремљ, Москва и Киев со меѓусебни обвинувања дека во суштина не го почитува мораториумот.
Бојана Крстевски
