Економија

Двојно зголемен интересот на компаниите за парите од унгарскиот кредит

14.04.2025 15:37

Интересот за користење на средства од унгарскиот кредит кај македонските компании е многу поголем од обезбедените 250 милиони евра, кои Владата ги даде на располагање на стопанството. Од Стопанската комора на Македонија велат дека последните анализи говорат дека сега е двојно зголемен интересот на компаниите, што се должи пред сè на должината за враќање на кредитите.

Иако според првичните анкети што ги направи Стопанската комора на Македонија за користење на парите коишто владата ги обезбеди преку унгарскиот кредит во висина од 250 милиони евра, интересот на компаниите беше еднаков на кредитот, сегашната реална состојба покажува дека имаме два пати поголема побарувачка од средствата што се на располагање. Тоа се должи на поволностите што ги обезбеди владата, рече Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески.

„И банките даваат приближно блиски камати на успешните компании, но должината на враќање на кредитот беше силен мотивациски фактор за луѓето што имаат инвестициони активности се свртат и побаруваат средства. Во наредниот период тоа треба да се регулира на начин некој што и банките ќе се поттикнат да таа определница за поголем рок на враќање“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија.

Интересот на компаниите за парите од унгарскиот кредит го потврди и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска која денеска посочи дека владата досега има извршено трансфер на 84 милиони евра кон банките.

„Комерцијалните банки со цел да излезат во пресрет на што е можно поголем број компании прават комбинации помеѓу финансирање од Унгарскиот кредит, како што го користиме терминолошки зборот и дел од сопствени средства. Нормално со различна каматна стапка, затоа што нивните средства по различна камата ги даваат од овие од унгарскиот, но целта им е да стигнат до што е можно повеќе компании“, вели Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии.

Инаку на средбата со охридските стопанственици Азески рече дека поради економската криза и најавите за зголемување на царините Стопанската комора и владата работат на платформа за враќање и спречување на одливот на мозоци од земјава што е основа за опстанок на економијата. Во истовреме заеднички ќе работат и на изработка на програма за извозна промоција.

Сашо Нелоски