Тошковски: Истрагата за трагедијата во Кочани не е завршена, се постапува по над 50 осомничени
Обвинителството бара мерки за претпазливост за Дритон Кучи, кој е актуелен амбасадор во Норвешка и Исланд и поранешен министер за економија. Истрагата во Кочани не е завршена, се постапува по над 50 осомничени. И МВР не е поштедено, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Ги отфрли обвинувањата на опозицијата за селективна истрага. Левица во Собранието поднесе интерпелација за него базирана на 10 основи, од кои пет се директно поврзани со трагичниот настан во Кочани.

Обвинителството бара мерки за претпазливост за Дритон Кучи, кој е актуелен амбасадор во норвешка и Исланд и поранешен министер за економија. Тој се врати во земјава откако обвинителството поведе постапка против него за пожарот во кочанската дискотека. Куќи е последниот, 19-ти осомничен во проширената истрага.
Министерот за внатрешни работи Тошковски вели, против секој за кој има докази е поднесена пријава. Истрагата за трагедијата во Кочани не е завршена, се постапува по над 50 осомничени. Не се поштедени ниту припадниците на полицијата.
„Сега, амнестија, јас не можам да се согласам дека има. Заради тоа што Министерството за внатрешни работи има поднесено во континуитет три кривични пријави, можеби и четири и се постапува по над 50 осомничени. Не можеме да се компарираме дури ни со случаи коишто се случиле од ваков тип во далеку поразвиени земји, од аспект на колку далеку е отидена истрагата“, изјави Тошковски.
Од СДСМ реагираат дека истрагата за најголемата трагедија во историјата на Македонија се претвори во фарса и оттаму прашуваат, зошто никој од актуелните полициски раководители не е предмет на истрага. Сметаат дека пропустите се кај МВР и актуелното раководство.
Во Собранието, пак, Левица поднесе интерпелација за министерот Тошковски базирана на 10 основи, од кои пет се директно поврзани со трагичниот настан во Кочани.
Во проширената истрага за пожарот во Кочани, куќен притвор добија ексминистрите Ваљон Сарачини и Беким Незири, додека пак на актуелниот министер без ресор и поранешен директор на дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, е во ефективен притвор. Освен Салиу, во притвор завршија уште три други лица, во куќен притвор четири, а на осуммина одредени им се мерки на претпазливост. Засега истрага се води за 47 физички и три правни лица, осомничени се и седуммина полициски службеници.
Андријана Ѓурческа
