Палевски негира дека ги грабнал и убил Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски
Во Кривичниот суд ново рочиште за двојното убиство. Сведочеше првообвинетиот Љупчо Палевски. Ги негира убиствата на Вања и на Панче, вели, жртва сум на морален атентат …

Првообвинетиот Љупчо Палевски негира дека ги убил Вања и Панче, вели дека поседувал 200.000 снимени разговори. Обвини портали за негов „брутален линч“, наведе дека доколку сакал да реализира какво било користољубие, можел да уценува милијардери, но, тоа не го направил.
Палевски рече дека не само што не го извршил двојното убиство, туку и дека нема ни мотив за такво злосторство. Додаде дека ќе докаже дека е киднапиран од Кривичниот суд.
Првообвинетиот Љупчо Палевски го обвини поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дека е организатор на целиот процес против него. Го обвини и Јавното обвинителство дека не се потрудило да го утврди времето на смртта на Жежовски, со цел да манипулира со времето на настаните.
Палевски одговараше на прашања од неговиот бранител Јовица Страшевски. Рече дека бил уапсен во Турција на 5 декември 2023 година, а на 15 мај 2024 бил донесен околу 21 часот во КПУ Затвор Скопје. Немал забелешки за однесувањето на полицајците.
Покрај Палевски досега искази дадоа обвинетите Велибор Манев, Ванчо Кешишев, Боре Видески, како и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски. Продолжението на судскиот процес е закажано за во среда.
Игор Панов
