Украина

Продолжуваат руските напади во Украина

15.04.2025 09:44

Русија продолжува со нападите, украинските сили во одмаздничка акција, го погодија рускиот регион Курск со десетици беспилотни летала. Светот бара што поскоро да се најде решение за прекин на огнот...

Војната во Украина се разгорува. Силите на Киев извршија масовни напади со дронови врз рускиот регион Курск, тврдат градските власти. Има жртви и повредени.

„Украинските беспилотни летала предизвикале оштетување на станбена зграда. Информирани сме и за други штети во градот, добиваме извештаи од градските служби. Сите се на терен и работат“, изјави Сергеј Котљаров – в.д. шеф на Курск.

Русија отворено одбива да се согласи на прекин на огнот-потенцира Зеленски.

„Руските државни пропагандисти ја подготвуваат својата публика за фактот дека преговорите и дипломатијата нема да функционираат. И има само една причина за тоа: тие не се плашат во Москва во моментов. И ако нема доволно притисок врз Русија, тие ќе продолжат да го прават она на што се навикнати – да се борат“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Војната меѓу Русија и Украина е војна на Бајден, а не моја-изјави шефот на Белата куќа, обвинувајќи дека за смртта на милиони луѓе се виновни три лица.

„Јас не бев тука кога таа војна почна, таа никогаш не требаше ни да се случи. Бајден можеше да ја запре, Зеленски можеше да ја спречи и Путин никогаш не требаше да ја почне. Сите се виновни“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Продолжија и обвинувањата на релација Москва-Киев. Русија тврди има докази дека во објектот кој беше погоден од руските ракети во Суми се одржувал состанок меѓу украинските воени лидери и западните колеги, посочувајќи го НАТО како директно одговорен. Киев пак, обвинува за учеството на кинески војници на фронтот кои се борат на страната на Русија.

„Имаме докази за тоа кој бил во објектот што беше погоден во Суми. Таму имаше уште еден собир на украински воени команданти со нивните западни колеги-под маската на платеници. Војници од земјите на НАТО се таму, сите го знаат тоа, и тие се директно одговорни“, изјави Сергеј Лавров – министер за надворешни работи на Русија.

„Истражителите на Службата за безбедност на Украина веќе ги извршија првите сослушувања и можеме да го констатираме фактот дека и двајцата државјани на Кина се приклучиле на руските вооружени сили со потпишување на соодветните договори“, изјави Артем Дехтијаренко – портпарол на Службата за безбедност на Украина.

Во истовреме, членките на НАТО разгледуваат можност за утврдување нова цел за трошење средства – 3,5 насто за одбраната и дополнителни 1,5 насто за цивилна подготвеност и поддршка на Украина-изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон.

 

Бојана Крстевски