Донација за соживот во Крушево
Хумана донација од една општествено одговорна компанија од крушево ја потврдува идејата на Илинденците и на современиот човек дека не треба да постојат национални и верски предрасуди кога се во прашање насушни потреби на населението...

Духот на Крушевскиот манифест за право, еднаквост и почитување за сите и после 100 години го зачувал својот идеал. И во овие Илинденски денови повторно доказ за тоа е последната хумана акција на македонската фирма „Дан пласт“ за производство на прозорци и врати која комплетно го реконструираше училиштето во село Норово, каде живеат жители исклучиво од Албанска националност. Сопствениците велат дека без разлика на припадноста сите сме исти.
„Идејата ни беше да им се помогне на најмилите и најмилите, дечињата кои се најбитни. Знаејќи дека училиштето е во лоши услови се одлучивме самоиницијативно да донираме. Не е битна верската или националната припадност за да му се помогне на некого и да му се излезе во пресрет. Пред се сите сме луѓе и различностите немаат никакво значење“, вели Ена Норнилд, донатор.
Жителите велат дека соживотот никогаш не бил проблем во Крушево. А оваа донација премногу ќе им помогнела на децата кои досега учеле во лоши услови.
„Се подобруваат условите, се поставуваат нови прозорци во шоколото, добро е сега со градоначалникот на Крушево“, вели Бурин Јусуфоски, жител на с. Норово.
„Соживотот никогаш не бил проблем во Крушево, секогаш сме се почитувале, ова е мултиетничка општина каде живеат повеќе националности“, рече Џевдет Јусуфи, проифесор во училиштето.
„Ќе се подобрат сега условите во ова училиште, дограмата беше еден од најголемите проблеми“, истакна Мизрет Јусуфоски, професор во училиштето.
Општината го поздрави овој чекор истакнувајќи дека за нив сите граѓани се еднакви.
„Ова се фирми кои покажаа една општествена одговорност и што значи да се има разбирање за потребите на децата без разлика на која националност припаѓаат“, изјави Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево
Иако училиштето е изградено 1952 година, после 60 години ова е прва негова реконструкција. Освен училиштето во наредниот период треба хортикултурно да се уреди дворот и да се изградат и пристапните патишта до него.
После реконструкцијата секој ученик ќе добие и комјутер, а ќе се гради и спортски терен.
Дарко Штаргоски
