87 дела од колекцијата на МСУ-Скопје ќе бидат изложени во Љубљана
Уметнички дела од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје ќе бидат изложени во Модерна галерија + Музеј на современа уметност Метелкова во Љубљана, Словенија на 24 април 2025 година...

Уметнички дела од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје ќе бидат изложени во Модерна галерија + Музеј на современа уметност Метелкова во Љубљана, Словенија на 24 април 2025 година. Конципирана од 87 дела од колекцијата на МСУ, во најголем дел од македонски автори, изложбата е насловена „Ткаење светови: Колекции во разговор“ и ќе биде отворена десет месеци. Проектот е во рамките на програмата од национален интерес на Министерството за култура и туризам на РС Македонија и конципирана е како реципроцитетна изложба.
Куратори на изложбата се: Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од МСУ-Скопје и Бојана Пишкур од Љубљана. „Ткаење светови: Две колекции во разговор“ ја градат дела од 87 автори и тоа најмногу од РС Македонија и од речиси сите поранешни југословенски републики (посебно во делот на наивната уметност), дополнети со дела од уметници од Бразил, Полска, Боливија, Судан, Уругвај, Албанија, Јапонија, Јужноафриканска Република, Иран, Куба, Шпанија и од Романија. Изложбата е резултат на конструктивен дијалог помеѓу специфични колекции – колекцијата на солидарноста на МСУ-Скопје и колекцијата „Артист 2000+“ како и националната колекција на Модерна галерија, Љубљана.
Поставката ги истакнува само делата изработени од природни материјали, како и дела кои го одразуваат ангажманот на уметниците со природата. Таа се фокусира на еманципацијата на уметничките медиуми, истражувајќи го односот помеѓу културата и природата, додека критички се осврнува на горливите еколошки прашања од времето на Капиталоценот. Кураторите како појдовна точка го земаат антропоцентричното надвладување на природата под влијание на капиталистичките апетити кои ја искористиле природата речиси до последните капацитети.
Отворањето на изложбата во Љубљана е закажано за 24 април во 20 часот и ќе трае до 8 февруари 2026 година. Наесен дел од колекциите на словенечкиот музеј ќе биде изложен во Скопје.
