Москва и Киев со меѓусебни обвинувања
Украинските сили во одмаздничка акција. Извршен масовен напад со беспилотни летала врз Курск. Зеленски ја обвини Русија дека не сака крај на конфликтот. Лавров со поинаков став-сакаме траен мир, но не и договор кој ќе нè одведе во стапица. Продолжија обвинувањата на релација Москва-Киев...

Се разгорува војната во Украина. Силите на Киев извршија масовни напади со дронови врз рускиот регион Курск. Погодени се станбени згради, има жртви и повредени.
„Како резултат на злосторството, убиена е една жена, а уште деветмина се повредени. Сериозно се оштетени и други цивилни згради и над 10 амбулантни возила“, изјави Светлана Петренко – портпаролка на Рускиот истражен комитет.
Нападот доаѓа по смртоносните руски удари во Суми и Одеса. Зеленски тврди дека Русија отворено одбива да се согласи на прекин на огнот.
„Руските државни пропагандисти ја подготвуваат својата публика за фактот дека преговорите и дипломатијата нема да функционираат. И има само една причина за тоа: тие не се плашат во Москва во моментов. И ако нема доволно притисок врз Русија, тие ќе продолжат да го прават она на што се навикнати – да се борат“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Војната меѓу Русија и Украина е војна на Бајден, а не моја – изјави шефот на Белата куќа, обвинувајќи дека за смртта на милиони луѓе се виновни три лица.
„Јас не бев тука кога почна војната, таа никогаш не требаше ни да се случи. Бајден можеше да ја сопре, Зеленски исто така, и Путин никогаш не требаше да ја почне. Сите се виновни“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Москва нема да се откаже од териториите, ниту пак, ќе прифати Украина да влезе во НАТО, кого го посочи како директно одговорен за Суми. Путин е отворен за мировен договор, но не е лесно да ги договори клучните точки од договорот со САД-изјави шефот на руската дипломатија Лавров. Од Кремљ велат дека е важно што постои политичка волја за договор меѓу Москва и Вашингтон.
„Сè уште нема јасни контури за договор, но постои политичка волја да се придвижиме кон овој договор. И уште еднаш повторувам, високо ги цениме конструктивните и значајни контакти што се случија. Фактот дека постои огромен потенцијал за заемно корисна економска соработка меѓу Русија и САД и дека оваа економска соработка може да игра сериозна стабилизирачка улога за целиот свет, е недвосмислен“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Во истовреме, членките на НАТО разгледуваат можност за утврдување нова цел за трошење средства – 3,5 насто за одбраната и дополнителни 1,5 насто за цивилна подготвеност и поддршка на Украина-изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Маријана Димовска
