Кардиохирургија под надзор, Таравари вели дека ќе има одговорност ако се утврдат неправилности
Случајот со Кардиохирургија на која почина 59-годишен маж, за кој семејството обвинува дека не ја добил соодветната лекарска помош, сè уште се истражува. Министерот Таравари тврди оти ќе има одговорност ако се утврдат неправилности...

Ако има пропусти, ќе има одговорност и за клиниките – вели министерот за здравство Таравари коментирајќи го случајот за пациентот кој минатата недела почина на Кардиохирургија чекајќи операција со пукната аорта. Таравари сè уште го нема видено извештајот од извршениот надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во кој е нотирано дека ангиографската сала на Кардиохирургија не работела, а немало ниту стентови за да се изврши интервенцијата. Лекарите операцијата не можеле да ја извршат ниту на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија бидејќи и таму имало недостиг од стентграфтови. Одговорност ќе се бара и од приватната клиника од каде пациентот бил вратен, со образложение дека кај нив не можело да се оперира на товар на Фондот, туку само приватно.
„Ќе треба да има и стручна комисија веднаш, да се констатира. Според моите информации едната сала работела. Сите сме потенцијални пациенти на сите може да ни се случи ова, за среќа во Македонија имаме три клиники во кои се работат овие операции, во државна и во две приватни. Да го видам извештајот од ДСЗИ и одговорност секако ќе има доколку имало пропуст или грешка“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат бара министерот за здравство да формира стручна комисија која ќе го испита стручното работење на здравствените работници.
Здравствената евиденција за пациентот на Кардиохирургија е водена уредно, но дали здравствените работници постапиле соодветно ќе одлучи стручната комисијата што допрва треба да ја формира министерот за здравство.
59-годишниот пациент почина минатата недела, откако лекарите не успеаја да му ја извршат во земјава, имаше опција да биде опериран во странство, семејството прифати, но пациентот не ја дочека операцијата.
Андријана Ѓурческа
