Обединети Арапски Емирати

Мицкоски и владината делегација на средби со првите луѓе на бизнис-коморите на Дубаи и Шарџа

15.04.2025 14:37

Втор ден од посетата на премиерот Мицкоски и владината делегација на Обединетите Арапски Емирати. Средби со првите луѓе на бизнис-коморите на Дубаи и Шарџа. Разговаре со стопанствениците за конкретни иницијативи кои можат да придонесат за зајакнување на економските врски, особено во трговијата, инвестициите и технолошкиот развој...

Зајакнување на билатералните односи, отворање нови перспективи за бизнис-заедницата, презентирање на инвестициските потенцијали на Македонија. На вториот ден од посетата на Обединетите Арапски Емирати, премиерот Мицкоски и владината делегација на средби со првите луѓе на бизнис-коморите на Дубаи и Шарџа. Мицкоски разговарал со стопанствениците за конкретни иницијативи кои можат да придонесат за зајакнување на економските врски, особено во трговијата, инвестициите и технолошкиот развој. Разменети идеи и за поддршка на претприемништвото и промоција на деловните потенцијали на двете земји.

„Разговорот беше насочен кон создавање мостови на соработка меѓу нашите економии, размена на добри практики и идентификување можности за заеднички инвестиции и поддршка на приватниот сектор. Ваквите средби се клучни за зајакнување на билатералните односи и отворање нови перспективи за бизнис-заедницата“, вели Мицкоски.

Дел од владината делегација и вицепремиерот и министер за транспорт, Николовски. Туризмот, инфраструктурата, образованието се во фокусот на разговорите за соработка со Обединетите Арапски Емирати. Најави потпишување на неколку договори за економска соработка, се преговара за уште најмалку два лета со „Ер Арабиан“.

Во рамки на посетата, премиерот Мицкоски претходно оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати нагласувајќи ја отвореноста за подлабока билатерална средба. Посетата на владината делегација продолжува до четврток.

Викторија Милевска