ДКСК нотира пропусти во издавање на лиценци
Надлежните без проверка на условите унишувале физички лица во регистарот за угостителска дејност. Регулаторен ризик се забележува и во однос на постапката и условите за давање лиценца, во однос на казните, а не е јасно и кои дополнителни дејности покрај угостителската се опфатени со законот. Ова се низа пропусти што ги утврди во својата анализа Државната комисија за спречување на корупцијата, спроведена после трагедијата во Кочани...

Антикорупционерите бараат ревидирање на Законот за издавање лиценци за угостителска дејност. Доволно е, велат, само да доставите пријава до ДПИ и без обврска надлежниот орган да ја верификува точноста на наводите. Со тоа постапката формално сте ја завршиле без реална потврда за исполнети услови за вршење угостителска дејност. Во анализата која ја спровеле после трагедијата во Кочани констатирале ризик и поради отсуство на обврската за контролен надзор пред регистрација и добивањето дозвола за вршење дејност без реална проверка што, пак може да има последици врз здравјето и безбедноста на гостите, утврдила Комисијата. Регулаторен ризик се забележува и во однос на казните каде висината не е сразмерна со можните последици, а не е јасно и кои дополнителни дејности покрај угостителската се опфатени со законот.
Извештајот од спроведена антикорупциска проверка освен на Законот за угостителска дејност ќе ги опфати и Законот за заштита и спасување, Законот за инспекциски надзор, Законот за локална самоуправа, Законот за заштита од експлозивни материи и Законот за промет на експлозивни материи и ќе биде јавно објавен и доставен до предлагачот, како и до институциите што ги имплементираат и регулираат овие закони.
Фиљана Кока