Финансиска полиција

Претреси на осум локации поради сомнеж за злоупотреби во прилепската болница

15.04.2025 15:34

Финансиската полиција прави претреси во Прилеп за финансиското работење во болницата. Почната е предистражна постапка. Се испитува финансиското работење во оваа здравствена институција во изминатите четири години. Болницата сè уште е во долгови, иако оттаму велат дека тие се преполовени…

На осум локации во Прилеп, Управата за финансиска полиција врши претреси поврзани со финансиското работење во прилепската болница, поради сомневања за злоупотреба на службена положба и овластување. Во тек е предистражна постапка, информираат кусо од јавното обвинителство на Македонија.

„Основното јавно обвинителство Прилеп постапува во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, а поврзано со финансиското работење на болницата. Обезбедени се наредби за претрес на осум локации, а дејствијата ги презема Управата за финансиска полиција. По претресите, предистражната постапка ќе продолжи со други дејствија за обезбедување докази“, велат од Обвинителството.

Постапките продолжуваат за обезбедување докази за финансиското работење на болницата, како што дознаваме, за периодот од 2020-та до 2024-та година.

 

Елизабета Митреска