Култура

Најавена годишната програма на Музејот на современата уметност – Скопје

15.04.2025 15:10

Уметничка соработка со дел од најквалитетните автори и институции од Македонија и од регионот …

По успешното одбележување на шестдеценискиот јубилеј на Музејот на современата уметност – Скопје и ова година продолжува да создава широка платформа за критички дијалог којшто ја обликува нашата сегашност.

На денешниот прес-брифинг в.д. директорот Тихомир Топузовски посочи дека и во новата сезона овој храм на уметноста продолжува да соработува со врвни имиња и институции од земјава, регионот и од светот и воедно најави квалитетни содржини реализирани од искусните кустоси.

Министерството за култура и туризам програмата на Музејот ја поддржува со околу 6.000.000 денари наменети за 23 проекти од национален интерес, од кои 11 се проекти од музејската дејност и заштита на нематеријално културно наследство, 12 проекти се од областа на визуелната уметност и архитектура, 1 проект од областа на меѓународната дејност-вмрежување со сродни институции, 1 проект од областа на литература и издавачка дејност (за реномираното списание за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“), како и еден проект од областа на инвестициско одржување и адаптација (подобрување и надградба на конзервациската лабораторија).

Во однос на реципроцитетните изложби најавен е проектот „Ткаење светови-Колекции во разговор“ преку којшто 87 уметнички дела од постојаната збирка ќе бидат изложени во Музејот за современа уметност – Метелкова во Љубљана, Словенија. Првиот меѓународен и ексклузивен проект од најавената програма кој е резултат на конструктивен дијалог меѓу специфични колекции ќе биде отворен на 24.04.2025.

Со трите самостојни и трите групни меѓународни изложби, со архитектонската изложба и истражувачките проекти, преку интердисциплинарната програма и оваа година МСУ продолжува да нуди квалитетни содржини преку кои успева да привлече се побројна публика. Со Програмата за развој на публиката успешно е зголемен бројот на продадени карти за 15%. За зголемениот интерес кон музејските содржини во голема мера придонесуваат и популарните викенд-матинеа, како и познатите тури низ поставките наречени МСУ-водич предводени од атрактивните приказни на кустосот Бојана Јанева. Следна ваква можност посетителите ќе имаат на 10 мај 2025 г.

Директорот Топузовски потенцираше дека во изминатиов период решен е голем број од техничките проблеми и во тек се преговори за дополнителни донации насочени кон реновирање и адаптација на делови од МСУ.

Воедно, дел од кустосите посочија дека за разлика од високо развиените земји каде што во голема мера ваквите институции се поддржани од филантропски донации и од бизнис секторот, кај нас повеќето донации се насочени кон спортот, а многу ретко кон културата, ова е поле на кое преку разновидни кампањи треба да се развива поголема свесност во општеството.

Иако не е многубројна, супериорната и веќе докажана екипа на МСУ и оваа година на нашата публика на полето на современата уметност ќе и понуди содржини од светски ранг.

Билјана Жеревска