Реакција на Македонската Влада

Нецивилизирани појави се повторуваат во Грција- потребна е најостра осуда од ЕУ!

10.08.2014 16:57

Ова не е прв пат припадници на грчката армија да провоцираат на ваков начин...

Македонската Влада го оценува како насилнички и заканувачки вокабуларот кој го употребуваат грчките војници во видеото објавено деновиве. Во писмената реакција се вели дека е својствен за некои дамнешни времиња. Ваквите чинови подгреваат меѓудржавна омраза, реагираат од Владата.

Ова не е прв пат припадници на грчката армија да провоцираат на ваков начин.

„Владата на Република Македонија ги презема сите дипломатски чекори за осуда на овој и ваквите слични настани во Република Грција кои не придонесуваат за промовирање на добрососедството и духот на соработката. Загрижува фактот што недоличните и нецивилизирани појави со години се повторуваат во Грција, а јавноста не се сеќава дека имало официјално извинување и оградување. Веројатно не им пречи кога Македонци, Албанци или Турци им ги оставаат парите како туристи, а надвор од тоа пеат дека ќе им ја цицаат крвта“, стои во соопштението на Владата.

Македонската влада во дописот укажува дека Европската Унија сето ова го премолчува, а не би требало. За доброто на европската идеја и вредностите што ги промовира неопходно е ваквите практики на најрадикален национализам во државните структури да наидат на најостра осуда.

 

Маја Стојанова