Собрание

Во Собранието седница на пет комисии

16.04.2025 08:32

Во Собранието денеска ќе се одржат седници на неколку комисии: Комисијата за култура и туризам, Законодавно-правната комисија, Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, како и Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика...

Во Собранието денеска ќе се одржат седници на неколку комисии: Комисијата за култура и туризам, Законодавно-правната комисија, Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, како и Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика.

Во рамките на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика ќе се спроведе јавна дискусија за Предлог-законот за работно ангажирање на лица. Целта на овој закон е да се олесни процесот на работно ангажирање преку воведување на поедноставен систем за регистрација, со кој ќе управува Агенцијата за вработување.

Со ова законско решение се очекува да се регулира начинот на воспоставување работни ангажмани, со или без прекини, што ќе има клучна улога во вклучувањето на одредени категории лица во формалната економија. Исто така, се очекува да се стимулира лојална конкуренција, гарантирајќи дека сите работодавачи ќе можат да ангажираат работници под еднакви услови, особено во периодите на зголемен обем на работа, со што ќе се креира поинклузивен и подинамичен пазар на труд.

Членовите на Комисијата за култура и туризам ќе ги разгледуваат Предлог измените на Законот за авторското право и сродните права, во второ читање. Овој закон ќе биде и на дневен ред на Законодавно-правната комисија, која ќе треба да ги разгледа и Предлог-измените на Законот за процена.

На Комисијата за финансирање и буџет ќе се разгледуваат Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2024 година, Годишната програма за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2025 година, Стратешкиот план на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2025 година и Финансискиот план на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2025 година, сите во второ читање.

На Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ќе се разгледуваат Годишниот извештај за работа на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2024 година, Извештајот за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2024 година, Годишниот извештај за работа на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2024 година и Извештајот за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2024 година.