Свет

Царините ја зголемуваат неизвесноста во светот

16.04.2025 10:56

Додека дел од земјите преговараат и размислуваат како да одговорат на решителноста на Трамп, тој тврди дека САД собираат рекордни износи со воведувањето на царините, а инфлацијата е намалена.

Новите царински давачки од Вашингтон ја ескалираа неизвесноста во светот. Додека дел од земјите преговараат и размислуваат како да одговорат на решителноста на Трамп, тој тврди дека САД собираат рекордни износи со воведувањето на царините, а инфлацијата е намалена.

„САД земаат рекордни бројки од тарифите при што цената на речиси сите производи се намалува, вклучително и на бензинот, намирниците и на речиси сè друго. Исто такаинфлацијата е намалена“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Ескалирачката војна со Пекинг и царините од 145 насто ги убиваат малите бизниси во земјата како на младата Бет, која увезува кинеска стока.

„За мене и за многу други мали бизниси, ова не е привремена болка. Ова е ненадејна смрт“, рече Бет Бинајк, основач и раководител на „Бизи Бејби“.

Трамп пука, па нишани – првпат поранешниот претседател Бајден излезе со јавен говор откако ја напушти Белата куќа критикувајќи ја сегашната администрација дека уништува систем од кој зависат милиони Американци.

„Трамп и неговите луѓе им пристапија на владините институции со идејата од Силиконската долина-движи се брзо и крши работи. И тие кршат сè по ред. Прво пукаат, а потоа нишанат“, изјави Џо Бјаден, поранешен претседател на САД.

Кина почна дипломатска офанзива во Југоисточна Азија по трговските тензии со САД, повикувајќи ги земјите на обединета и координирана борба против трговскиот притисок од Вашингтон. ЕУ ги разгледува опциите.

„Краткорочно, оваа царина ќе изврши одреден притисок врз кинеската економија, но тоа не го менува главниот тренд на економскиот раст на Кина. Ќе воведеме нови политики за управување со ситуацијата“, изјави Шенг Лаијун, заменик-директор на Националното биро за статистика.

„Преговорите треба да ги води Европската Унија како блок. Свесни сме дека мораме да ја поддржиме Европската комисија за ЕУ да биде обединета, затоа што така ќе имаме и поголем преговарачки капацитет и ќе постигнеме избалансиран и праведен резултат за сите земји“, рече Карлос Куерпо, министер за економија, трговија и претпријатија на Шпанија.

Трамп потпиша извршна наредба за почнување истрага за критичните минерали, што може да доведе до дополнителни царини за индустриските ресурси.

Бојана Крстевски