Кадрифаково- најризична сообраќајна точка во штипско
Три лица се повредени во директен судир на два автомобила на патот Штип – Свети Николе, кај Kадрифаково. Оваа точка е сообраќајно најризична во штипско и овде се случени една третина од вкупниот број сообраќајки. Подобрувањe на состојбата сe очекува со изгрдабата на автопатот Штип – Миладиновци...

Само трагите од полицискиот увид говорат за сообраќајната несреќа што рано утринава се случина на патот Штип – Свети Николе, кај месноста Кадрифаково. Според информации од СВР – Штип , овде дошло до директен судир на два автомобила, со штипски и светиниколски регистарски таблички, едниот идејќи од Скопје кон Штип, а другиот од Штип кон Скопје.
Билансот од оваа сообраќајна несреќа се тројца повредени, на возраст од 50 – 62 години кои се пренесени во штипската клиничка болница и сите се во стабилна здравствена состојба
Инаку, точката кај Кадрифаково е место со најголем број сообраќајни незгоди со сериозни последици во Штипско. Од вкупно 134 сообраќајки регистрирани од почетокот на годината во СВР – Штип, овде се случени околу 50, а најчести причини за нив се:
„Неприлагодена брзина, во комбинација со алкохол, доведува до губење на правецот што е најголема причина за сообраќајните несреќи“ вели Владо Петров, главен инспектор за сообраќај во СВР – Штип.
Ништо помал проблем, според возачите, не се ниту лошите патишта
„Патиштата се лоши, затоа и има многу сообраќајни несреќи. Па можеби 30-40 отсто од сообраќајните незгоди се резултат на лошите патишта“. Сега кога ќе го направат новиот пат ќе биде подобро“ сметаат анкетираните возачи.
Намалување на бројот на сообраќајни несреќи се очекува со проширувањето на патот и изгрдбата на автопатот Штип – Миладиновци. Неговото завршување ќе значи подобри услови за возење и еднонасочен сообраќај, што значи и помали шанси за несреќи во сообраќајот.
Оливера Жежова
