Кривичен суд

Одложено рочиштето за двојното убиство, адвокатот на Палевски најавил отсуство од здравствени причини

16.04.2025 12:38

Во Кривичниот суд денеска, иако беше закажано, сепак се одложи судењето за двојното убиство. На рочиштето беше најавено сведоштво на првообвинетиот Палевски, кој требаше да одговара на прашања на Обвинителството, но поради отсуство на неговиот адвокат, судењето е презакажано. Судијата во овој случај ги предупреди обвинетите дека одложувања од која било причина повеќе нема да толерира…

Има лек за евентуални следни отсуства на бранителите. Судечкиот судија Стефановски е дециден дека ќе поставува бранители по службена должност, наместо да одлага рочишта за да спречи одолговлекување на процесот. Ова, откако адвокатот Јовица Страшевски на првообвинетиот Палевски, непосредно пред почнувањето на рочиште најавил отсуство поради здравствени проблеми.

Бранителот на обвинетиот Видевски, вели Манев, не е загрижен поради ставот на судијата. Манев бара реконструкција или враќање на предметот во фаза на истрага. Во исказите на обвинетите вели се споменуваат други учесници во настаните а не се на обвинителна клупа. И не се изведувале сите докази.

Палевски веќе изгуби еден бранител, откако Витанов се откажа. Судењето за двократното убиство беше предвидено да заврши до јуни со донесување пресуда. Судијата Стефановски закажа две рочишта за распит на Палевски на 23-ти и 28-ми април.

Фиљана Кока