Македонски археолози во потрага по седиштето на Кралот на Пелагонците!
Дали македонските археолози го пронајдоа седиштето на Кралот на Пелагонците од 4 век пред нашата ера? Археолошка експедиција еден месец ќе истражува и ќе логорува на највисокиот врв на Селечка планина кај Прилеп...

Може ли највисокиот врв на Селечка Планина кај Прилеп, Висока, да го открие седиштето на кралот на Пелагонците од 4 век пред нашата ера. Македонска експедиција со 11 археолози е во најобемо истражување. На 1.470 метри огромните камени блокови и влезот во внатрешната тврдина укажуваат на кралски дворец, а откриените монети и луксузната керамика, на кралско живеење.
„Истражувањата се насочени кон целосно откривање на надворешноста на раноантичкиот ѕид, а еден дел од тимот работи во внатрешниот простор на акрополата каде истотака е откриен ѕид од раноантичкиот период кој исто така е изграден со големи камени блокови. Пронајдени се 15-ина доцноантички монети, пронајдена е една раноантичка монета, една малоазиска фибула и поголем број фрагменти од високолуксузна црнофирнисана керамика“, вели археологот Дејан Кебакоски од Институтот за старословенска култура, предводник на експедицијата.
За управата за заштита на културното наследство ова е капитален проект.
„Го потврди нашето убедување дека се работи за кралот на Пелагонците. Дворецот датира, главно што го гледаме од наодите, од 4 век пред н.е“, вели Виктор Лилчиќ, директор на Управата за заштита на културното наследство.
„Висока“ е стратегиска воена точка. Ја контролира Пелагонија и поширокиот вардарски дел. Монетите од раноантиката до средновековието ја раскажуваат приказната за континуираното живеење на еден град.
„Се работи за еден фантастичен град. Се работи за град на околу два хектари површина кој има одбранбен ѕид, кој датира од антиката, од доцната антика , главно, меѓутоа има и внатрешен дворец“, вели Лилчиќ.
Во подножјето, пред две години во Старо Бонче, археолозите целосно ја открија кралската гробница и делови од зимски кралски дворец.
Дали на Висока, на 1.400 метри надморска височина кај Прилеп се наоѓа седиштето, тврдината на кралот на Пелагонците, народ чиј предок се споменува во Илијадата на Хомер? Македонска експедиција е таму, логорува, и се обидува да ги обезбеди доказите.
Македонската археолошка експедиција на „Висока“ ќе истражува еден месец.
Елизабета Митреска
